Фото: Маја Јаневска-Илиева

Токму широка општествена дебата подразбира отворена дискусија на која ќе бидат изнесени сите аргументи „за“ и „против“, ќе бидат понудени повеќе експертски ставови и размислувања, позитивни, негативни, разни други искуства и на граѓанскиот сектор, за на крајот сето тоа да биде сублимирано во еден издржан предлог што ќе биде поддржан и прифатен од целокупната македонска јавност. Впрочем, тоа е рецептот за градење единствена државна и национална позиција за клучните прашања

Уставните измени бараат широка граѓанска дебата, не тесни работни групи

Раздвиженоста на политичките субјекти во земјава во последниот период говори дека почнува да расте притисокот уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав да се направат што поскоро, а тоа е забележливо бидејќи изминатите денови веќе почна да се лицитира со разни решенија како најбезболно да се изведе тоа и сите да излезат чисти од пат-позицијата во која се најде земјата.
Министерот за правда Кренар Лога најави дека наскоро ќе се формира работна група што треба да ги подготви нацрт-амандманите со кои ќе се менува Уставот и веќе испратил покани до претседателот на државата Стево Пендаровски, до своите колеги Бујар Османи и Бојан Маричиќ, како и до парламентарните партии, до понеделник да номинираат свои претставници во работната група што ќе ги подготвува нацрт-амандманите.
– Во барањето за номинација е наведено дека во интерес на исполнување на нашата обврска што произлегува од преговарачката рамка што ја усвоиле 27 земји-членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава – се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Несомнено македонската јавност повторно ќе сведочи на уште еден нетранспарентен процес во кој улогата на работната група ќе биде само да ја забошоти целата работа, но што е уште поважно, главна цел е да се избегне широка граѓанска расправа по ова исклучително чувствително прашање.
Имено, водејќи се по онаа максима што му се припишува на Черчил, „ако сакаш некој проблем да не се реши – формирај комисија (работна група)“, министерот за правда Лога очигледно нема намера решенијата за нацрт-амандманите да бидат донесени низ една поширока, транспарентна постапка.

А токму широка општествена дебата подразбира отворена дискусија на која ќе бидат изнесени сите аргументи „за“ и „против“, ќе бидат понудени повеќе експертски ставови и размислувања, позитивни, негативни, разни други искуства и на граѓанскиот сектор, за на крајот сето тоа да биде сублимирано во еден издржан предлог што ќе биде поддржан и прифатен од целокупната македонска јавност. Впрочем, тоа е рецептот за градење единствена државна и национална позиција за клучните прашања.
Вака со формирањето работна група, дискусијата се сведува во тесни, па и теснополитичко партиски рамки, во кои се можни разни ситуации, претставникот на една партија да даде едно решение, другиот од другата партија да го одби тоа е, трет претставник да ја напушти групата во знак на незадоволство и потоа да следува веќе познатиот политички фолклор кај нас, со меѓусебни обвинувања за предавства, блокади, опструкции, Европејци и антиевропејци, контраши и уште еден куп други меѓусебни квалификации.
И во досегашната практика на македонската независност се покажа дека ниту една работна група ништо не реши, а уште помалку понуди некакво решение или излез од многуте политички ќор-сокаци во кои се најде земјава низ годините.
Последниот пример со францускиот предлог најдобро покажа дека кога нема да се отвори суштинска граѓанска дебата за важните прашања, тогаш се доаѓа до лоши решенија што се на штета на државата и нејзините граѓани. Што е најтрагично, за носењето лоши решенија и одлуки никој не понесува никаква одговорност, па тука треба да се бараат причините за формирањето работни групи, кои се користат само како обичен параван зад кој се затскриваат главните актери.
– Оваа практика е останата кај нас уште од времето на социјализмот. И тогаш, ако не сакате да завршите работа, правите комисија или како што сега е случајот формирате работна група. Од нејзината работа нема да се изроди никакво решение – вели Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка.
Според неа, за да се дојде до квалитетни решенија, потребно е да се отвори поширока дебата, со вклучување експерти од повеќе области, кои со своето знаење и искуство ќе можат да придонесат понудените решенија да бидат издржани и прифатливи за сите, но и да бидат во интерес на државата.

– Рецептот со формирање работна група за нацрт-амандманите со кои ќе се прават уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот уште во самиот почеток е погрешен. Имено, уставните амандмани се сериозен политички проект, кој бидејќи е наметната обврска од ЕУ (не само од бугарска страна), мора да се направат со широк политички консензус – истакнува Марковска.
И дел од граѓанскиот сектор смета дека за вакви чувствителни работи мора да се носат одлуки што ќе бидат плод на една широка општествена дебата.
– Одлуките што се важни за иднината на државата, а уставните измени се такво нешто, не можат да се носат во еден тесен круг на луѓе, особено не од некакви претставници во работни групи, комисии и слично. Потребно е да се воспостави практика за сериозно вклучување на сите расположливи интелектуални капацитети во земјава, медиуми, невладини организации, бизнисот, секој да излезе со свои видувања и предлози што на крајот ќе помогнат да се оформи квалитетно решение донесено со консензус. Кога така би се носеле решенијата, тогаш и поделбите, антагонизмите и тензиите во државата полека ќе добијат надолен тренд – заклучуваат соговорниците.