Фото: Архива

Соговорниците со кои се консултиравме цврсто стојат на ставот дека е „стравотна грешка што се откажавме од АСНОМ“! Ние „моравме да се држиме до асномските принципи, но поради кусогледоста на македонските политичари не беше согледано што може да ни се случи за десетина години со откажувањето, односно бришењето на АСНОМ од Уставот“, велат тие. Предлогот на Таравари за некаков белгиски модел на Уставот значи ништење на заслугите на македонскиот народ за државноста на Македонија, да нема Македонци суверени на својата земја. Таков предлог значи модел на македонска држава без суверен македонски народ. Таквите понуди не почиваат на автохтониот историски развој…

Размислувањата и предлозите во врска со обрасците за промена на Уставот не престануваат да ја брануваат политичката јавност

Уставните измени иницирани со цел внесување на Бугарите во македонскиот конститутивен акт (како услов од францускиот предлог за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ), иако сѐ уште неофицијално, ги извади на површина очекуваните предизвици од „Пандорината кутија на македонската општествена реалност“.
На предлогот да се земе како пример хрватскиот устав во процесот на подготовка на бараните уставни измени, особено бурна реакција имаше од албанските партии.

Од албанскиот политички кампус се предлага уставен образец што е поблиску до концептот на бинационална отколку на унитарна држава

Наместо хрватскиот модел, од лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, беа понудени моделите на белгискиот и на швајцарскиот устав, кои се поблиски до концептот на бинационална отколку на унитарна држава. Уште претходно, штом беше најавен почетокот на процесот за уставни измени, албанските партии експресно ги истакнаа своите барања за замена на уставната формулацијата „јазик од 20 отсто“ со „албански јазик“.
Наспроти ваквите реакции од албанскиот политички фактор, поранешниот амбасадор на Македонија и „независен“ интелектуалец, Махи Несими, во своја колумна, неуспешно се обидува да аргументира дека ниту едно малцинство, односно „дел од народи“ во Македонија нема претензии да добие државотворен статус!?
– Да се потсетиме дека статус на национално малцинство во уставите на Република Македонија, до 2001 година, имаа само Албанците и Турците. Во меѓувреме, во сегашната преамбула (2001) овој статус го добија и: Србите, Бошњаците, Ромите и Власите. Значи, по конфликтот, уставноправниот статус на Албанците не само што не беше унапреден туку беше деградиран затоа што Албанците се согласија да бидат рамноправни со етничките групи како Ромите и Власите.
Барањето на Бугарија е легитимно и нема што да се дискутира или оспорува. Низ овој хаос што (и ќе) настанува во државата се стекнува впечаток дека Албанците воопшто не се заинтересирани за унапредување на нивниот уставноправен статус. Ова отворено се гледа, транспарентно е и многу јасно. Има време што албанските партии со премногу жар ја започнале трката за поддршка на вклучувањето на Бугарите (и другите) во преамбулата и Уставот.
Досега не се слушна дека има некаква резерва, макар и минимална, да се донесе, во овој случај преамбула во која се споменува дека, освен вклучувањето на Бугарите (а како што се вели и Хрватите и Црногорците), се размислува и за унапредувањето на статусот на Албанците, и конечно да го оствари нивниот долгогодишен сон – стекнување статус на државотворен народ. Засега во хоризонтот не се гледаат знаци дека албанските политички партии размислуваат за ова прашање – пишува Махи Несими.

Ирационални предлози за менување на унитарниот карактер на Македонија

Само последните предлози изнесени во јавноста од повеќе партии од албанскиот политички блок, за примена на моделот на уставите на Белгија, Швајцарија (па и на Косово) за измените во македонскиот устав, дополнето со аргументите на „веселата пописна математика“ за неприфаќање на хрватскиот уставен модел „зашто Македонците не биле 90 отсто од населението во Македонија“, ја демантираат перцепцијата на Несими дека „нема знаци на хоризонтот за барање за унапредување на статусот на Албанците како државотворен народ“. Во блиското и малку подалечно минато, пак има уште многу искажани иницијативи и конкретни активности, како доказ на желбата и намерите на албанскиот политички фактор да издејствува и да наметне државотворен конститутивен статус во македонскиот устав. Во триесетгодишната независност на Македонија, можеби најекстремен израз на територијални аспирации со национално отцепување беше предизвиканиот конфликт од 2001 година. Па потоа, од максималистичките амбиции планирани со воени средства произлезе Охридскиот договор… Потоа следуваше и усвојувањето на несреќниот Закон за територијална поделба, односно регионалната (општинската) поделба по етнички принцип, каде што на локално ниво се создаваа услови за доминантно албанско мнозинство, како „теренска подготовка“ за иницијативите за државотворен статус и креирање состојби што би биле аргумент за барањата за бинационален карактер на држава.

Итрината во албанските етноцентрични идеи

Прифаќањето (со некритичката поддршка) на Преспанскиот договор, со кој во голема мера се проблематизираат атрибутите на македонското национално и државно постоење, од албанскиот политички фактор беше правдано како жртва што треба да ја направат Македонците за „заедничкиот пат кон НАТО и ЕУ“. Во овој случај, пак, соговорниците истакнуваат дека „сега тие истите не се подготвени за какви било отстапки од својот сон за државотворен статус за истата европска иднина“. Дури, уште повеќе, се чини дека отворањето на Уставот етноцентричните структури во албанскиот политички кампус го гледаат како шанса за уште порадикални барања за наводното уште повисоко подигнување на статусот на Албанците во македонскиот устав!?
– Од 2001 година, па наваму, со рамковниот договор и низа други формалноправни акти што се носат, како сѐ да оди во прилог на тенденцијата Македонија формалноправно да функционира како бинационална држава, иако уставно декларативно се води како унитарна држава. Многу правни акти и процеси што се одвиваат од тогаш одат во насока да се анулира сувереноста на македонскиот народ во еден дел од државата Македонија. Сите тие „новитети“ се во насока на бришење на асномските одлуки во Уставот, односно од наративот на преамбулата, каде што се наведува дека „Македонија е држава на македонскиот народ“, а со тоа и антифашистичката основа на државноста на Македонија. Историски факт е дека во НОВ учествуваше најголем дел од македонскиот народ, кој со антифашистичка борба го извојува својот вековен стремеж за сопствена држава. Во таа борба учествуваа и претставници од другите народи што живееја тука, а тие се застапени и меѓу делегатите на АСНОМ, но носечката сила на партизанското движење беше македонскиот народ. Сѐ што се случува од 8 септември 1991 година се чини како да води кон тоа да се скрши сувереноста на македонскиот народ на својата државна територија. Под влијание на геостратегијата, во голема мера не е дозволен нормален државотворен развој на Македонија и македонскиот народ како суверен на својата држава. Ние моравме да се држиме до асномските принципи, но поради кусогледоста на македонските политичари не беше согледано што може да ни се случи за десетина години со откажувањето, односно бришењето на АСНОМ од Уставот. Предлогот на Таравари за некаков белгиски модел на Уставот значи ништење на заслугите на македонскиот народ за државноста на Македонија, да нема Македонци суверени на својата земја… Тоа е модел на македонска држава без суверен македонски народ. Таквите понуди не почиваат на автохтониот историски развој. Одново сме соочени со битка за нов АСНОМ и носење државотворни одлуки. Мораме да бидеме особено внимателни со вакви нарации, кои можат погубно да се одразат на реалната состојба на државотворноста на македонскиот народ во сопствената држава, Македонија – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.