Фото: Архива „Нова Македонија“

По 10 кола, кај шахистите водат Гукеш и Непомнијашчи со по шест поени, а кај шахистките Леи и Тан со по 6,5 поени

ШАХ – ТУРНИРИ НА КАНДИДАТИТЕ

Американските шахисти Хикару Накамура (2.789 рејтинг-поени) и Фабиано Каруана (2.803) ги добија своите партии во 10-то коло против Нијат Абасов (2.632) од Азербејџан, односно Алиреза Фирузја (2.760) од Франција на Турнирот за кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, кој во 14 кола се игра во Торонто (Канада). Со овие значајни победи, тие, заедно со Индиецот Прагнанада Рамешбабу (2.747), кој ремизира со сонародникот Гујрати Видит (2.727), заостануваат само половина поен зад водечките, Јан Непомниајашчи (2.758) од Русија и Домарају Гукеш (2.743) од Индија, кои, пак, меѓусебно ремизираа, а белите фигури ги водеше Непомниајашчи.
На турнирот за шахистки Кинезинката Тинџие Леи (2.550), која победи на четири во претходните пет партии, овој пат победи на дуелот со Русинката Александра Горјачкина (2.553) и ја стигна водечката, сонародничката Жонгји Тан (2.521), која, пак, го подели поенот со Химпи Конеру (2.546) од Индија. Победа оствари и Индијката Ваишали Рамешбабу (2.475) против Нурѓул Салимова (2.432) од Бугарија, а ремизираа Русинката Катерина Лагно (2.542) и Украинката Музичук (2.520). Вчера на турнирите беше третиот слободен ден.
Според пропозициите, ако по 14-то коло двајца или повеќе шахисти бидат израмнети на врвот ќе се игра т.н. тајбрејк со партии со забрзано темпо на игра, за да се добие победникот. Табела (мажи): Гукеш и Непомнијашчи по шест, Прагнанада, Накамура и Каруана по 5,5, Видит пет, Фирузја 3,5, Абасов три поени. Табела (жени): Леи и Тан по 6,5, Горјачкина и Лагно по 5,5, Конеру 4,5, Салимова и Музичук по четири, Ваишали 3,5 поени. Г.И.