Изминатиот викенд во Скопје се одиграа партиите од државните првенства за 2024 година за млади шахисти во екипна конкуренција, со учество на 42 екипи во сите конкуренции (до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), што сведочи за зголемениот интерес на младите низ целата држава за изучување на шаховската игра. Јуниорите од шаховските школи на ШК Алкалоид се враќаат со медали од секоја категорија. Во највисоката, за играчи до 18 години, втора година во низа, младинците го обезбедуваат златниот медал и претставуваат олицетворение на она што е потребно за успех во шахот, континуирана напорна работа со врвните велемајстори на екипата, како и учество на силни турнири за градење солидна натпреварувачка форма. Во овој состав беа Никола Бошковски, Матеj Бојковски, Иван Велкоски, Марко Ѓакоски и Бонита Јакимова, со напомена дека Велкоски имаше 100 отсто успех во однос на сите играчи на овој турнир.
На другите турнири, во конкуренција до осум, 10 и до 12 години, јуниорите од шаховските школи на ШК Алкалоид освоија сребрени медали. Во конкуренцијата до 10 години имаше и посебни екипи пријавени во женска конкуренција. Претставничките на клубот се закитија со бронзен медал.
Новиот шаховски клуб што е поддржан од компанијата Алкалоид АД, ШК Мулти есенс, а во кој членуваат некои од напредните младинци над 14 години, освен на јуниорските првенства, ќе игра и во сениорска конкуренција. Играчите од ШК Мулти есенс почнаа со натпревари со настап на државните екипни првенства за млади шахисти (до 14 и до 16 години), а натпреварите за овие категории се во тек и ќе продолжат во последниот викенд на април.
Екипата на ШК Мулти есенс, комплетирана и со постарите младинци до 20 години, ќе почне да се натпреварува во системот екипни сениорски натпревари и на 20/21 април, како нов тим, ќе учествува во квалификациите за Втората лига, каде што ќе биде шеста екипа според стартниот рејтинг, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.