СКИЈАЧКИ ЛЕТОВИ ВО КУЛМ

Халвор Егнер Гранеруд од Норвешка победи на возбудливиот прв натпревар во скијачки летови сезонава, одржан во Кулм (Австрија), и го презеде водството во генералниот пласман во Светскиот куп во скијачки скокови. Второто место го освои Стефан Крафт (Австрија), а трет беше Словенецот Домен Превц.
Третата најголема скокалница за скијачки летови во светот по три години повторно беше место за натпревар во Светскиот куп. Во 2020 година на Кулм победија Пјотр Жила од Полска и Стефан Крафт од Австрија. Во саботата и двајцата се претставија во врвна форма, но победникот на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, Гранеруд, имаше одлични скокови (231 и 238 метри).
– Во претходните две сезони скијачките летови се одвиваа во моменти кога едноставно не бев во добра форма, па сега првпат од Планица во 2020 година почнувам во добра форма. Беше навистина забавно и многу сум среќен со моите скокови денеска – изјави Гранеруд, за кого тоа беше прва победа на натпревар во скијачки летови.
Најголемиот ривал на Гранеруд зимава, Давид Кубацки (Полска), го освои 10. место. Пред натпреварот, Кубацки водеше со 48 поени во вкупниот поредок во Светскиот куп, а Гранеруд сега има 26 поени повеќе од Кубацки. Тими Зајц (Словенија) оствари скок од 243 метри, само еден метар помалку од рекордот на таа скокалница, поставен од Петер Превц (Словенија).
Вториот натпревар во Кулм на програмата беше вчера.