Првиот светски клупски првак беше добиен во 1960 година. Тогашниот Интерконтинентален куп, во кој настапуваа само прваците на Европа и на Јужна Америка, до 1979 година се играше како двомеч со два начина на одредување на победникот, а потоа до 2004 година со еден дуел на неутрален терен. Од 2005 година, тој куп се спои со клупското СП на ФИФА, играат прваците на сите континенти, а од 2007 година и претставник на домаќинот на турнирот. ФИФА, која во 2017 година ги призна сите победници на Интерконтиненталниот куп како „светски клупски прваци“, за 2025 година најави нова промена во форматот, со учество на 32 клуба

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА 62-ТА ТРКА ЗА ПЛАНЕТАРНИОТ ТРОФЕЈ

Со мечот в среда Ал Ахли – Окленд сити во Мароко почнува 19-то издание на клупското Светско првенство (СП) на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а вкупно 62. натпреварување за планетарната клупска титула (првото е одржано во 1960 година).
Натпреварувањето имаше неколку трансформации, а годинашното може да биде едно од последните со овој формат, откако неодамна од Светската фудбалска федерација беше предложено од 2025 година клупското Светско првенство да се игра секои четири години, со учество на 32 клуба од целиот свет (сега настапуваат седум тима).
Од 1960 до 2004 година, натпреварувањето се одржуваше секоја година (освен во 1975 и во 1978 година), со име Интерконтинентален куп, а учествуваа само прваците на Европа и на Јужна Америка. Прв победник беше Реал Мадрид (Шпанија), кој и годинава е претставник на Стариот Континент.

ЕДНА ГОДИНА ДВА ПРВАКА

Од 2005 година клупското СП се игра во организација на ФИФА, која одржа такво натпреварување и во 2000 година, па таа година имаше два тима со светска титула, Бока Јуниорс (Аргентина, победник на Интерконтиненталниот куп) и Коринтианс (Бразил, победник на турнирот во организацвија на Светската фудбалска федерација).
Помеѓу 1960 и 1968 година, системот на играње беше со натпревари дома и на гости, а победникот беше решен само според освоените бодови (истиот формат што го користеше Јужноамериканската фудбалска конфедерација за одредување победник на финалето на Копа либертадорес до 1987 година).
Поради овој формат, трет натпревар беше потребен кога и двата тима ќе оствареа по една победа или, секако, ако имаше две ремија. Од 1969 до 1979 година, Интерконтиненталниот куп продолжи како двомеч помеѓу клупските континентални шампиони, со европскиот стандарден метод за одлучување на победникот, со вкупно постигнати голови во двата меча.
Првото Светско клупско првенство организирано под покровителство на ФИФА се одржа во 2000 година во Бразил, со учество на клупските шампиони на сите шест конфедерации, Азија (АФЦ), Африка (КАФ), Северна Америка (КОНКАКАФ), Јужна Америка (КОНМЕБОЛ), Океанија (ОФЦ) и Европа (УЕФА). Покрај тие шест екипи, поканети беа и Реал Мадрид како победник на Интерконтиненталниот куп во 1998 година и бразилскиот тим, домаќинот Коринтијанс, кој подоцна го освои трофејот.

СПОЈУВАЊЕ

Во 2005 година, Интерконтиненталниот куп се спои со Светското клупско првенство на ФИФА. Ова натпреварување оттогаш се игра под покровителство на Светската фудбалска федерација, помеѓу клупските шампиони од шесте конфедерации (претставниците на УЕФА и на КОНМЕБОЛ играат директно во полуфиналето). Од 2007 година учествува и претставник на домаќинот на турнирот.
Во Интерконтиненталниот куп поради разни причини од Европа секогаш не учествуваше континенталниот првак, па така, на пример, Ајакс не играше во изданијата во 1971 и во 1973 година (настапија Панатинаикос, односно Јувентус, и двата тима загубија), во 1974 година не играше Баерн (настапи Атлетико Мадрид, кој ја освои титулата), во 1979 година не настапи Нотингем форест (играше Малме, кој загуби)… Од 1980 до 2004 година се играше по еден меч, на неутрален терен, во Јапонија.
Годинава за светската титула ќе играат Реал Мадрид (Шпанија), Фламенго (Бразил), Ал Хилал (Саудиска Арабија), Видад Казабланка (Мароко), Сиетл саундерс (САД), Окленд сити (Нов Зеланд) и Ал Ахли (Египет).
Светската фудбалска федерација во 2017 година ги призна сите победници на Интерконтиненталниот куп од 1960 до 2004 година како „светски клупски прваци“.
Вкупно 30 клуба досега биле планетарни шампиони, а во финалето играле уште 24 други клуба. Најмногу титули имаат тимовите од Шпанија, вкупно 11, пред екипите од Бразил со 10, од Аргентина и од Италија имаат по девет… Европските клубови вкупно 35 пати ја освоија титулата, а јужноамериканските 26 пати. Од македонските фудбалери титулата ја освоија Дарко Панчев и Илија Најдоски со Црвена звезда и Горан Пандев со Интер.
„Златната топка“ за најдобар фудбалер на клупското Светско првенство во организација на Светската фудбалска федерација ја добија многу врвни фудбалери, вклучувајќи ги и, на пример, Кака (Милан), Вејн Руни (Манчестер јунајтед), Лионел Меси (Барселона), Самуел Ето (Интер), Серхио Рамос (Реал Мадрид), Луис Суарез (Барселона), Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Лука Модриќ (Реал Мадрид), Герет Бејл (Реал Мадрид), Мохамед Салах (Ливерпул), Роберт Левандовски (Баерн), Тиаго Силва (Челси)…, а претходно, во Интерконтиненталниот куп, за играчи на мечот биле прогласувани и, на пример, Зико (Фламенго), Мишел Платини (Јувентус), Франк Рајкард (Милан), Алесандро дел Пјеро (Јувентус), Раул (Реал Мадрид), Рајан Гигс (Манчестер јунајтед), Роналдо Назарио да Лима (Реал Мадрид), итн.