Свечено затворена годинашната зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во чест на Ацо Шопов

Свечено е затворена Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која беше во чест на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов. Со неа, изминатиот понеделник, започна и спроведувањето и на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, по повод 100 години од раѓањето на нашиот великан.
Третата зимска школа не само што овозможи над четириесет странски македонисти од четири континенти да ги унапредат своите знаења од областа на македонистиката туку и ги поттикна да продолжат со нивната посветеност кон македонскиот јазик, со решеност што ја потврдија со својата заедничка изјава: „Подготвени сме и натаму да бидеме амбасадори на Македонија, македонскиот јазик, литература и култура!“ Уште еднаш се потврди дека и во времето што е пред нас, македонскиот јазик, литература и култура, силно ќе одекнуваат низ светот, а со нив и вистината за нашата татковина – Македонија!
Поезијата на Ацо Шопов доби нови вреднувања, толкувања и преводи преку прочитот на странските македонисти од напреднатото рамниште.
Во своето обраќање, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, ги цитираше стиховите на Ацо Шопов: „Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, / спокојот во нас ќе го ископаме: ќе го ископаме од искони!“
– По размислите за постигнатото со Третата зимска школа, овие стихови на великанот Ацо Шопов, како одново да се раѓаат, во нова форма и со некој нов, повеќезначен одглас – во нас, во сите оние што на еден или друг начин бевме дел од неа. И тоа одново се раѓаат двоејќи се од темнината – онака како што пееше Шопов за раѓањето на зборот. Одново, во нас „ископавме“ исконски спокој, бидејќи преку оваа Школа, уште еднаш се потврди дека и во времето што е пред нас, македонскиот јазик, литература и култура, силно ќе одекнуваат низ светот, а со нив и вистината за нашата татковина. Оти има посветеници што се вложуваат и се подготвени и во годините што следуваат да се вложуваат во странската македонистика – истакна Мојсова-Чепишевска.

Таа и напомена дека завршницата на оваа Зимска школа е само најава на почетоци на нови активности и залагања, на нови постигнувања во времето пред нас.
На настанот, од името на семејството на Ацо Шопов се обрати неговата ќерка, Јасмина Шопова, која упати благодарност до МСМЈЛК при УКИМ и до учесниците на Школата за залагањата за натамошни вреднувања и афирмација на неговото творештво во меѓународни рамки.
Во рамките на свеченоста, при претставувањето на учесниците од седумнаесет држави, во своите обраќања, тие не само што ја потврдија својата определба да ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура туку и својата подготвеност за уште поголеми натамошни вложувања во следниот период, кои се клучни за развојот на странската македонистика.
Наставата за учесниците на Школата од напреднатото рамниште во целост беше посветена на поезијата на Ацо Шопов. Како што истакнаа странските македонисти што ја следеа оваа настава, таа резултира со голем број нови изучувања на творештвото на Шопов, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на македонскиот книжевен великан дополнително ќе се афирмира во странските културни средини.
Инаку, наставата на Третата зимска школа беше интензивна, со фонд од по 30 часа во групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. На Школата имаше учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина.