Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од првото СП во 1999 година до оваа генерација ракометари на СП 2023, црвено-жолтиот дрес на СП го носеле вкупно 64 ракометари, кои одиграле вкупно 52 меча (21 победа, 29 порази, две ремија)… Сега следува продолжување на низата настапи на големите турнири, со заокружување на пласманот на Европското првенство в година во Германија во следните месеци, а потоа, според пласманот таму, ќе бидат одредени можните противници во плејофот за пласман на следниот планетарен шампионат во 2025 година. Македонија е постојано присутна на европските и на светските првенства од 2012 година и од тогаш има 12 настапи во низа, по шест на континенталните првенства и на мундијалите

РАКОМЕТ – ПО СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Македонската ракометна репрезентација го освои 27-то место на 28. Светско првенство (СП), кое вчера заврши во Полска и во Шведска, вторпат со учество на 32 селекции. Црвено-жолтите остварија три победи (Алжир 40-25), Мароко (40-25) и Јужна Кореја (36-33), сите во Президент-купот, а загубија во прелиминарната фаза од Норвешка (28-39), Холандија (24-34) и од Аргентина (26-35), како и од Тунис, но во Президент-купот, во борбата за пласман. На СП 2023, најефикасен македонски ракометар беше Филип Кузмановски со 37 гола. И покрај остварениот неуспех, Македонија има надежна и талентирана генерација, но за евидентен напредок во годините што следуваат, секако ќе треба многу повеќе да се работи, а ова СП, сигурно дека претставува едно искуство повеќе. За паметење останува СП 2015 во Катар, кога беше остварен најдобриот пласман, деветтото место.
Сега следува продолжување на низата настапи на големите турнири, со заокружување на пласманот на Европското првенство в година во Германија во следните месеци, а потоа, според пласманот таму, ќе бидат одредени можните противници во плејофот за пласман на следниот планетарен шампионат во 2025 година. Македонија е постојано присутна на европските и на светските првенства од 2012 година и од тогаш има 12 настапи во низа, по шест на континенталните првенства и на мундијалите.
Од првото СП во Египет во 1999 година, на кое настапија Кирил Лазаров, Пепи Манасков, Стевче Алушовски, Александар Зарков, Александар Јовиќ, Урош Мандиќ, Томче Петрески, Бранко Ангеловски, Иван Марковски, Слободан Николиќ, Шандор Ходик, Кире Поповски, Зоран Петковски, Данило Брестовац и Горан Андоновски, предводени од селекторот Стефче Стефановски и тренерот Драган Нишевиќ, до оваа генерација ракометари на СП 2023, меѓу кои осуммина беа дебитанти, црвено-жолтиот дрес на СП го носеле вкупно 64 ракометари.

Во 1999 година, за најдобриот стрелец на еден мундијал и актуелен рекордер, Кирил Лазаров (92 гола на СП пред 14 години), беше прв голем настап, а и за Пепи Мансков, како и за повеќето играчи што потоа повеќето станаа тренери. Поединечно, најмногу учества на СП има Кирил Лазаров (седум), следуваат Велко Маркоски, Филип Лазаров, Дејан Манасков, Стојанче Стоилов, Никола Маркоски, Гоце Георгиевски (сите по пет), Филип Миркуловски, Никола Митревски, Филип Талески, Жарко Пешевски (сите по четири) итн.
Македонија на досегашните осум СП одиграла вкупно 52 натпревари, забележувајќи 21 победа, 29 порази, а два натпревара завршиле без победник, со Русија (29-29) на СП 2013 и со Исланд (27-27), на СП 2017. Најубедливите победи, пак, се остварени токму на последново СП, против Алжир и против Мароко со идентични 40-25, што се наедно и најмногу постигнати голови и остварена разлика на еден натпревар во историјата на македонскиот репрезентативен ракомет на мундијалите.
Најмногу дуели, по четири на мундијалите, Македонија одиграла со Русија и со Тунис, по трипати со Чиле, Исланд, Словенија и Норвешка, во две средби ги одмерила силите со Египет, Данска, Хрватска, Шпанија, Јужна Кореја, Холандија и Алжир… Г.И.