Фото: Маја Јаневска-Илиева

За мене ова е најмоќна година во кариерата. На моменти и не бев свесен дека цела година жнеам успеси, освојувам медали и поставувам нови рекорди. Мојата најдрага и највредна победа е балканската титула на 3.000 метри во сала во Истанбул, а најдраг рекорд од седумте е оној на Скопскиот маратон

ДАРИО ИВАНОВСКИ, МАКЕДОНСКИ АТЛЕТСКИ БИСЕР

Импресивната 2021 година на Дарио Ивановски (24), шеста по ред без пораз на национално ниво, ќе биде запишана со големи букви во аналите на македонската атлетика. Годинава „македонскиот атлетски бисер“ стана државен првак во сите дисциплини, од 1.500 метри до маратон. На 23 настапи, од кои 15 меѓународни, тој 10 пати собори национален рекорд, во седум дисциплини. Ивановски е првиот Македонец што победил на Скопскиот маратон (со време на нов национален рекорд, 2:21,27 часа) и единствен Македонец што во два наврата истрчал 10 км побрзо од 30 минути. По две децении, Македонија во Ивановски доби и балкански првак, на 3.000 м во сала, во Истанбул (Турција).

Како гледате на 2021 година, на рекордните постигнувања? Има ли некој рекорд или трка што би ја издвоиле, што ви остана во сеќавање?
– За мене ова е најмоќна година во кариерата. Ја почнав со медал на Балканското првенство, на 1 јануари во Бугарија. Од тој момент до последниот настап ги задржав фокусот и победничкиот менталитет. На моменти и не бев свесен дека цела година жнеам успеси, освојувам медали и поставувам нови рекорди. Мојата најдрага и највредна победа е балканската титула на 3.000 метри во сала во Истанбул, а најдраг рекорд од седумте е оној на Скопскиот маратон.
Трчавте и победувавте на делници од 1.500 метри до маратон, и соборувавте рекорди. Какви се плановите и најбитните настани за 2022-та?
– Со мојот тренер и менаџер, Игор Јакимовски, прво ги поставуваме големите цели и кога ќе ги дефинираме се навраќаме на помалите. Главна цел во 2022 година ќе биде настапот на Светското првенство (СП) во сала во Белград во март. Веќе настапив на едно СП во сала, во 2018 година, каде што поставив нов национален рекорд на 1.500 метри.
Дали и во 2022-та ќе трчате на исто толку различни по должина трки или ќе се фокусирате на некои одредени делници? Која е вашата вистинска дисциплина?
– Фокусот ќе биде на трките на средни патеки. Мојата дисциплина ќе биде на 5.000 метри во која сметам дека можам да го дадам најдоброто од себе. Ќе се обидам да забележам и прв македонски резултат под 14 минути.
Што е потребно за натамошен прогрес, за подобри времиња, за фаќање приклучок со најдобрите во Европа, па и во светот?
– За да се фати чекорот со најдобрите, потребни се и соодветни европски услови за тренинг и врвна поддршка. Со години тренирам во исклучително тешки, речиси невозможни услови, па затоа и ја изградив таа моја борбеност и дух за да успеам и кога тоа изгледа невозможно. Во услови кога постои само една квалитетна тартан-патека во државата и без ниту една атлетска сала, секогаш мора да се има план Б, кој знае да биде многу суров, за мене и за тренерот. Принудени сме подготовките да ги правиме надвор, во странство и многупати сами да ги финансираме. Поддршката за да ги стигнам најдобрите во Европа е речиси никаква, недостигаат финансии и цел стручен тим зад мене. Во услови кога Игор Јакимовски ја има улогата на тренер, менаџер, мотиватор, физиотерапевт, тогаш јасна е мојата позиција во однос на елитата во Европа. Но ние сме горди на сѐ што постигнуваме, сами, во невозможни услови за да се декларираш како професионален атлетичар. Мојот клуб ми помага за подготовките, но тоа не е доволно за постигнување врвни резултати. Затоа со тренерот Јакимовски мораме да се снаоѓаме сами и да бараме поддршка кај некои наши долгогодишни спонзори, кои ни помагаат да го реализираме зацртаното.
Летните олимписки игри во Париз во 2024 година би требало да се една од вашите главни цели, откако во последен момент отпадна Токио? Како гледате на тоа од оваа перспектива?
– Токио 2020 за мене е завршена приказна. Но одлуката да не ја претставувам Македонија таму беше екстра мотивација за мене. Има ли нешто поубаво и послатко во атлетиката да одговориш со добри резултати и кога ќе го израдуваш својот народ? Горд сум до небо на мојот единствен логичен одговор на сите случувања во 2021-та. Париз 2024 е голем мотив за мене, ќе се обидам во наредните сезони да стигнам и до олимписка норма.
За што размислувате кога трчате полумаратон или маратон, што сѐ ви проаѓа низ глава. Како се мотивирате?
– Ова прашање е едно од најпоставуваните од љубителите на спортот. Всушност, целата маратонска трка ми поминува многу брзо и немам време за други мисли во главата, освен за држење ритам, бркање резултат што ми е цел и борба за позиција. Понекогаш долгите трки завршуваат многу брзо, така што имам впечаток како да сум настапил во дисциплина на средни патеки.


ИГОР ЈАКИМОВСКИ, ТРЕНЕР И МЕНАЏЕР
Чест, обврска, гордост и привилегија е да се работи со Ивановски

Соработката со атлетичар од калибарот на Дарио Ивановски е вистинска чест, гордост, привилегија, но во исто време и огромна обврска во секој поглед. Ние сме заедно седум години и за мене тоа е една од моите најуспешни животни приказни. Талентот кај Дарио го забележав уште на првиот тренинг, во март 2015 година, тоа беше основата за напредување, но постоеше и силна волја кај него. Дарио тренираше посветено и дисциплинирано, до бескрај. Успесите почнаа да се редат, дресот на Македонија го облече по само три месеци. Балканот слушна за Дарио по две сезони, но не се задоволивме со тоа. Следуваа настапи на светски и на европски првенства, медали на балканијадите, жетва на национални рекорди. И пак не застанувавме, имаме високо поставени цели. За мене како негов тренер и менаџер многу е важно што Дарио е сакан и почитуван, миленик е на спортската јавност во Македонија. Секој негов успех мене ме прави горд Македонец. За него сум подготвен да сторам сѐ, затоа што тој го заслужува тоа, вели Игор Јакимовски. Л.Д.


Денот ми почнува и ми завршува со атлетика

Како изгледа еден обичен ден за Дарио. Што правите кога не трчате? Што ве интересира?
– Денот ми почнува и ми завршува со атлетика. Животот му го посветив на спортот и тоа ме исполнува во целост. Имам по два тренинга дневно и понекогаш денот поминува дури да трепнеш. За да се постигне целта на поставените тренинзи, мора да се биде одморен и свеж. Кога не трчам, во слободното време, се дружам со пријателите, гледам филмови, а посебно ги обожавам анимираните серии за јапонската култура.


Храната е многу важна коцка од мозаикот

Како се храни и што пие врвен атлетичар? Редовно, пред, за време на трка и по неа?
– Храната е многу важна коцка од мозаикот за успешен атлетичар. Понекогаш таа дисциплина со консумирањето храна знае да биде многу сурова, но во професионалната атлетика тоа е реалност. Мојата исхрана се базира на овошје и зеленчук, а спортската исхрана и витаминизација се неопходни за да ги издржи организмот сите напори при интензивно тренирање.

[email protected]