Билетите ќе бидат достапни во пет ценовни категории. За да ја гледаат церемонијата на отворање, гледачите ќе платат од 90 до 2.700 евра (најскапиот билет од сите), пишува АП. Најевтините билети за сите други настани почнуваат од 24 евра, а четири милиони од 10-те милиони билети за Игрите во Париз чинат 50 евра или помалку

Четири милиони апликации се примени за онлајн-лотаријата, во која победниците можат да купат билети за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година, соопшти локалниот организациски комитет. Аплицирањето заврши во четвртокот. Бројките за тоа од кои земји дошле четирите милиони пријави за лотарија и дали се пријавиле повеќе мажи или жени не беа достапни, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Петте земји што купиле најмногу билети и други статистички податоци ќе бидат познати по завршувањето на продажбата во јуни. Дотогаш организаторите очекуваат дека ќе бидат продадени околу половина од 10-те милиони билети за Игрите во Париз.
Вкупно 3,2 милиони билети беа продадени од првата фаза на продажба, со пакети, а најголемите купувачи беа од Велика Британија и од САД. Фазата 1 заврши на 15 март, кога почнаа и онлајн апликациите за лотаријата и втората фаза од продажбата на единечни билети.
На Игрите во Париз ќе има 32 спорта и 48 дисциплини на 37 локации. Билетите ќе бидат достапни во пет категории според опсегот на цените, со максимум шест за кој било настан, вклучувајќи ја и церемонијата на отворањето. За да ја гледаат церемонијата на отворањето, на која ќе има илјадници олимпијци на бродови што крстосуваат по реката Сена, гледачите ќе платат од 90 до 2.700 евра (најскапиот билет од сите), пишува АП.
Најевтините билети за сите други настани почнуваат од 24 евра, а четири милиони од 10-те милиони билети за Игрите во Париз чинат 50 евра или помалку. Билетите за финалето на трката на 100 метри за атлетичарки се 690 евра за најдобрите места, за финалето на 100 м за мажи цената е 980 евра, влезниците за машкото кошаркарско финале се движат од 125 до 980 евра, билет за женското финале чини од 95 до 510 евра, фудбалските натпревари се одржуваат во седум града, билети за финалињата за мажи и за жени се од 80 до 300 евра, пишува АП.
Билетите за Параолимписките игри в година ќе се појават онлајн на 4 октомври, но не на лотарија, а се очекува да бидат продадени околу три милиони билети, пишува АП. Н.М.