ШАХ – ПО ДЕВЕТ ПАРТИИ

Непомнијашчи славеше во три партии, остварувајќи играчки перформанс од 2.831, а Лирен во две, со перформанс од 2.752 рејтинг-поени. Во мечот досега се видени седум различни отворања, одиграни се просечно по 45,6 потези по партија, најкратка беше втората партија (29 потега), а најдолго се играше во деветтата (82 потега, малку повеќе од шест часа)…
Ако се суди според досегашниот тек на мечот за светски шаховски првак помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени) и Кинезот Динг Лирен (2.788), по девет одиграни партии, се очекува неизвесноста да продолжи до последната партија. Моменталниот резултат е 5-4 за Непомнијашчи, а вчера предноста на почетниот потег ја имаше Лирен.
Особено возбудливи беа осмата и деветтата партија. Во осмата Лирен, како што изјави на пресот по партијата, во три наврати имал добиена позиција, но плашејќи се да не влезе во недостиг од време (т.н. цајтнот), се решил да игра побрзо, но и понепрецизно. Непомнијашчи, пак, по деветтата партија, која патем беше и најдолга (82 потези), беше видно разочаран, сметајќи дека имал шанси да игра на победа во одреден момент.
Во секој случај, ова е еден од повозбудливите мечеви за титулата светски првак. Од девет одиграни партии, дури пет завршија со победник. Белите биле поуспешни четири пати, а црните еднаш. Непомнијашчи славеше во три партии, остварувајќи играчки перформанс (игра со силина на шахист) од 2.831 рејтинг-поени, а Лирен од 2.752. Одиграни се вкупно 411 потези, или просечно 45,6 по партија. Најкратко се играше во втората партија (29 потега), а најдолго во деветтата партија (82 потега), односно малку повеќе од шест часа.
Во мечот се видени седум различни отворања, а најмногу, трипати, партијата почнуваше со отворањето Руи Лопез (прва, петта и десетта партија), и тоа од Лирен. Непомнијашчи, бидејќи игра вторпат за титулата (по поразот од Магнус Карлсен претходниот пат), во почетокот почна посигурно отколку Лирен, кој дејствуваше малку збунето и импресионирано од настанот, но со текот на мечот брзо се консолидира. Мечот влезе во втората фаза, а до крајот остануваат уште пет партии од предвидените 14. Кој и да победи, првпат ќе стане светски првак. Г.И.