По три кола, Македонија е на деветтото место, со три бода (5,5 поединечни поени по табли)

ШАХ – ПО ТРИ КОЛА НА ЕКИПНОТО ЕП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Пораз, реми и победа на македонската машка репрезентација е епилогот по првите три кола на третото екипно Европско првенство (ЕП) во шах за слепи и за слабовидни лица во Џенова (Италија).
Во првото коло Македонија, која е деветторангирана пред почетокот (1.841 просечен рејтинг), очекувано загуби, со 0,5-3,5 од првиот фаворит на ЕП и бранител на титулата, селекцијата на Полска (2.199). Единствено на првата табла со црни фигури, половина поен освои Жарко Селковски (1.920 рејтинг-поени), против интернационалниот мајстор (ИМ) Јацек Сташанчек (2.159), додека Зоран Костадиновски (1.907), Санде Атанасов (1.778) и Филип Арсов (1.624) ги загубија партиите. Во второто коло Македонија одигра нерешено 2-2 со Италија (1.786, рангирана 11-та), а сите четири партии завршија со реми. Овој пат на третата табла наместо Атанасов играше Блаже Атанасовски. Во третото коло македонските шахисти ја остварија првата победа, совладувајќи го Косово (1.794, рангиран 10-ти), со 3-1. На првата табла Селковски загуби, а победи остварија Костадиновски на втората табла, Атанасовски на третата и Арсов на четвртата табла. Во четвртото коло, играно вчера, противник на Македонија беше селекцијата на Израел (1.752, рангирана 13-та).

– Од играта сум релативно задоволен. Жалам за партијата во првото коло, оти имав целосно добиена позиција, но недоволната концентрација кога беше најпотребно беше причина да направам превид, а потоа да се борам за реми, но, сепак, на крајот загубив. Очекувам да се бориме од 4. до 7. место, бидејќи Полска, Србија и Шпанија се многу поквалитетни состави. Ние сигурно ќе го дадеме својот максимум – вели Костадиновски.
По три кола, Македонија е на деветтото место, со три бода (5,5 поединечни поени по табли). На табелата води Србија со пет бода (девет по табли), пред Полска со пет (осум) и Шпанија исто така со пет (седум). Дербито на третото коло помеѓу Полска и второрангираната Србија заврши без победник, 2-2.
На ова трето ЕП учествуваат 14 селекции (Македонија, Србија, Хрватска, Шпанија, Полска, Израел, Италија, Украина, Романија, Словенија, Франција, Германија, Бугарија и Косово), а прворангиран играч е полскиот ВМ Марчин Тазбир (2.503). На претходното ЕП, во 2019 година, Македонија го освои седмото место со девет екипни бода (по три победи, ремија и порази), односно 17 поени по табли, што беше за две места подобар пласман од почетниот. Г.И.