Фото: РК. Илинден

Новиот член на македонската ракометна Прва лига, Илинден, го направи првиот значаен чекор во формирањето на тимот за својата дебитантска сезона во сениорската конкуренција, назначувајќи го Дарко Јанев за нов шеф на стручниот штаб.

Клубот, зад кој стојат актуелните и поранешните македонски репрезентативци Гоце Георгиевски, Марио Танкоски, Давид Савревски и Жарко Пешевски, му ја довери тренерската функција на Јанев, кој има долгогодишно искуство во работата со млади категории.

Во својата тренерска кариера Јанев успешно работеше во младинските погони на Илинден Вардар и Бутел Скопје. Беше и селектор на женската младинска репрезентација на Македонија, како и помошник-тренер во сениорската женска репрезентација.

Како ракометар настапуваше за Пелистер, Вардар, Куманово, Зомимак Струмица, МРК Вардар, Пролет и Охрид, а интернационално искуство стекна и во катарскиот Ал Араби.

Со назначувањето на Јанев, Илинден го започнува создавањето на тимот со кој ќе настапува во својата прва сезона во Првата ракометна лига.