Хируршкото одделение на Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп започна со примена на минимално инвазивна хирургија за лекување на препонска кила, со што пациентите добиваат современ оперативен третман што овозможува побрзо закрепнување и пократок престој во болница.
Станува збор за лапароскопска ТАПП (Transabdominal Preperitoneal) техника, при која преку три мали отвори се поставува специјална мрежа зад перитонеумот, со што се намалува ризикот од повторна појава на килата.

Директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, истакна дека воведувањето на оваа метода претставува значаен чекор во модернизацијата на хируршките услуги.
– Продолжуваме да воведуваме современи методи на лекување во интерес на пациентите. Процесот бара обуки, подготовка и нова опрема, но сме подготвени да одговориме на потребите на граѓаните – рече Јоноски, посочувајќи дека инструментите се набавени со поддршка од компанијата „Витаминка“.
Началникот на Хируршкото одделение, д-р Димитар Иваноски, информира дека за првпат во прилепската болница е изведена лапароскопска операција на препонска кила, а интервенцијата ја извел д-р Златко Јаков.
Иваноски нагласи дека одделението е регионален центар за ургентна хирургија и располага со седум специјалисти и пет специјализанти, при што освен редовните операции се изведуваат и сложени хируршки зафати на црева, црн дроб, жолчка, дојка и други ургентни состојби.

Д-р Златко Јаков, кој неодамна се вратил од Германија, истакна дека минимално инвазивната хирургија е светски стандард бидејќи овозможува помала болка, побрзо закрепнување и пократка хоспитализација.
– Првата операција беше изведена кај 64-годишен пациент, кој веќе следниот ден беше пуштен на домашно лекување. Нашата цел е во иднина со оваа техника да се третираат и туморски заболувања – рече Јаков.
Според него, новата метода ќе овозможи пациентите од регионот да добиваат современ хируршки третман во Прилеп, без потреба да се упатуваат во други здравствени установи.
Специјалистот по хирургија, д-р Гордана Љушиќ, потсети дека прилепската болница уште пред две децении била меѓу пионерите во воведувањето на лапароскопските интервенции во земјата.
Ка.М.
































