Машката репрезентација утре на Медитеранските игри во Оран ќе игра за бронзениот медал, за првиот медал воопшто во екипна конкуренција, откако сите досегашни медали (од Игрите во 2013, 2018 и годинава) се освоени во поединечна конкуренција

Подмладената машка ракометна репрезентација на Македонија утре, на Медитеранските игри (МИ) во Оран, ќе игра за бронзениот медал (од 12.30 часот), откако во полуфиналето загуби од Египет, кој е носител на златен медал од МИ во 2013 година. Ракометната селекција ќе игра за првиот медал воопшто во екипна конкуренција на медитерански игри, откако сите досегашни медали од Игрите во Мерсин во 2013 година, во Тарагона во 2018-та и во Оран годинава се освоени во поединечна конкуренција (борење, таеквондо, бокс, карате).
Противник на црвено-жолтите ќе им биде поразениот од вчерашниот полуфинален дуел помеѓу Шпанија и Србија. Македонските ракометари во вчерашното полуфинале загубија со 20-34 од силната селекција на Египет, во која имаше неколку ракометари што настапија и на Светското првенство (СП) во Египет лани. Расположената репрезентација на Египет го доби првиот дел од мечот со 16-10, а второто полувреме со 18-10.
Македонија се пласира во полуфиналето откако беше втора во групата, во која победи Шпанија. Македонските ракометари во својата група забележаа две победи (со Грција, со 39-21, и со Турција, со 31-22) и по еден пораз (од Шпанија, со 22-31) и реми (со Алжир, 24-24).
Женската репрезентација на Македонија го освои седмото место, откако го совлада домаќинот Алжир со 31-23. Г.И.