Никогаш во историјата на една држава, вклучувајќи ја и нашата, или народ, вклучувајќи го и нашиот, не се случило тоа што се случува деновиве во Македонија: владејачкиот македонски естаблишмент да продаде сѐ, не само своите предци туку и своите поколенија, внуци, правнуци, за да опстои на власт, за нестварен сон, за лажен почеток, за европска Македонија (што и да значи тоа?). Со Преспанската спогодба, Владата на Македонија посведочи дека во Егејска Македонија нема Македонци, со Договорот за добрососедство со Бугарија, тоа го направи за Пиринска Македонија и, еве, конечно со францускиот предлог, Владата на Македонија ќе посведочи дека во државата Македонија, во границите на денешна Македонија, нема Македонци. Сите три документи – Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Францускиот предлог – се неточни, па оттука не само што се бесмислени и ништожни туку тие ќе бидат, во тоа сум длабоко уверен, поништени, анулирани, искинати

Деновиве сме преплавени со безброј манипулации, а овој текст ќе го започнам со три примери. Исказот „сега лажат за измислена бугаризација, која не постои“ е МАНИПУЛАЦИЈА. Бугаризацијата, всушност, започна со Преспанската спогодба. Имено, според членот 7 (став 2) на Преспанската спогодба, во однос на Првата страна (Република Грција), термините „Македонија“ и „македонски“ ги означуваат „не само областа и народот во северниот регион на Првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“. Така, покрај тоа што ставот 2 јасно ја дефинира просторната граница на употребата на термините „Македонија“ и „македонски“ за двете држави, државата Грција во ставот 2 дополнително јасно го дефинира и временскиот период (од антиката до денешен ден) на употребата на термините „Македонија“ и „македонски“. Тоа значи дека, според Преспанската спогодба, словенското население што живеело и сѐ уште живее на територијата на денешна Грција не се Македонци, а нивната историја НЕ Е македонска, нивната култура НЕ Е македонска и нивното наследството НЕ Е македонско.
Понатаму, исказот „македонизмот станува дел од Европа“ е МАНИПУЛАЦИЈА. Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Оттука, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Така, не само што не е точно дека „македонизмот станува дел од Европа“ туку македонизмот засекогаш исчезнува од Европа.

Еве уште еден пример: „Ние сега дебатираме дали сакаме македонскиот јазик, со прифаќање и од страна на Република Бугарија, да биде официјален јазик на ЕУ, како македонски јазик без никакви додавки. Имаме историска шанса прашањето на јазикот да го затвориме засекогаш. Веднаш го потпишуваме првиот европски документ со македонски јазик.“ МАНИПУЛАЦИЈА! Македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ тогаш кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа нема да се случи на денот кога ќе започнат пристапните преговори, тоа нема да се случи ниту на денот кога ќе се потпише Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ ќе го ратификуваат Договорот на пристапување. Така, Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ ќе треба да се ратификува во Собранието на Република Бугарија. Според рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија, позицијата не само што е непроменета и недвосмислена туку и нема индикации дека во иднина ќе се смени, за да биде Договорот ратификуван (цитат од веб-страницата на Владата на Република Бугарија): „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“.
Никогаш во историјата на една држава, вклучувајќи ја и нашата, или народ, вклучувајќи го и нашиот, не се случило тоа што се случува деновиве во Македонија: владејачкиот македонски естаблишмент да продаде сѐ, не само своите предци туку и своите поколенија, внуци, правнуци, за да опстои на власт, за нестварен сон, за лажен почеток, за европска Македонија (што и да значи тоа?). Со Преспанската спогодба, Владата на Македонија посведочи дека во Егејска Македонија нема Македонци, со Договорот за добрососедство со Бугарија, тоа го направи за Пиринска Македонија и, еве, конечно со францускиот предлог, Владата на Македонија ќе посведочи дека во државата Македонија, во границите на денешна Македонија, нема Македонци. Сите три документи – Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Францускиот предлог – се неточни, па оттука не само што се бесмислени и ништожни туку тие ќе бидат, во тоа сум длабоко уверен, поништени, анулирани, искинати.
„Луѓето, за да преживеат, имаат совршено добар инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат.

За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет“. За жал, односот на политичарите во суверена Македонија, по 1991 година, спрема македонските приказни, спрема македонскиот јазик и спрема македонскиот идентитет се карактеризира со непостоење на каква било државна и/или партиска политика и се сведува само на мислења на определени политичари, кои се карактеризираат, главно, со неконзистентност, ненаучност и често менување заради постигнување определени „повисоки цели“. Некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на (Пиринска, Егејска и Вардарска) Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1944 година, македонски јазик – тоа е нивно право – но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето. Но кога станува збор за Владата на нашата држава, таа е должна цврсто да застане зад македонизмот. Граѓаните имаат право да го определат сопствениот национален идентитет.

Според Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации, „секој има право на националност“ и „никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Меѓутоа, владејачкиот естаблишмент на Македонија, премиерот и претседателот, без разлика на нивната национална припадност, имаат општествено одговорна задача да се грижат за македонскиот идентитет, за македонскиот јазик, за македонизмот во Македонија, но и во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет.
„Не е срамно ако умреме до еден, / но голем срам, ести голем, / ако останеме без нашето име / од кое уште се плашат ко од чума. / А без име, векутуми, а без него / и гробовите ќе ни бидат празни“. Територијата на денешна Македонија се наоѓала во подолг период под римско и византиско влијание, а најдолг период била дел од Отоманската Империја. Меѓутоа, никогаш, ниту под римското, ниту под византиското, ниту под отоманското влијание, Македонците не претрпеле поголема штета, поголем срам од срамот во последните четири години (од јуни 2018 г. до денес). „Ништо не лекува / само не слекува до основната болка“, па затоа време е за промени, време е македонизмот да опстои.