Актуелниот европски првак е на седум гола да стане прва репрезентација со 3.000 погодока на ЕП, просечниот број постигнати голови на Норвешка, 28,2, е најголем во натпреварувањето, а таа селекција е и најискусната репрезентација во однос на одиграните натпревари на ЕП (77,5 по играч) и покрај тоа што недостигаат клучни играчи, како Кристијансен, Херем, Солберг-Исаксен или Дејл, сите со над 100 меча за националниот тим

РАКОМЕТ – ЕХФ ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2022

  • Европските првенства (ЕП) во ракомет дефинитивно се место на кое се пишува историја, каде што се создаваат приказни, а Европската ракометна федерација (ЕХФ) анализира некои историски податоци и тековните состави во пресрет на ЕП за ракометарки што од идната недела ќе се игра во Македонија, Словенија и во Црна Гора.
    l Норвешка е на врвот според бројот на постигнати голови на европските првенства, со 2.993 и, според тоа, потребни се само седум гола за да стане првата селекција во историјата што ја поминала границата од 3.000 погодока, а веројатно уште две изданија на турнирот се потребни за Данска или Унгарија да го достигнат тоа -пишува ЕХФ на својата интернет-страница.
  • Просечниот број постигнати голови на Норвешка, 28,2, е најголем во натпреварувањето со огромна разлика, а Унгарија и Русија следуваат на рангирањето, со просек од 26,5, односно 26,4 гола по натпревар. Сепак, изненадувачки, само две репрезентативки на Норвешка се рангирани во првите 10 на листата на стрелци на сите времиња, десното крило Лин-Кристин Ригелхут Корен е шеста, со 190 гола, а Нора Морк, единствената што ја освоила наградата за најдобар стрелец на ЕП двапати (во 2016 и 2020 година), е деветта со 169 погодока.
  • Рекордот за број на натпревари одиграни на ЕП го држи левото крило на Франција, Сираба Дембеле Павловиќ, со 54 одиграни натпревари на турнирот, а рекордот може да го собори голманката на Норвешка, Катрине Лунде, која заостанува само два меча и треба да настапи на ЕП 2022 -пишува ЕХФ. Лунде ќе биде единствената од првите 12 на листата со најмногу мечеви на ЕП што ќе игра на ЕП 2022.
    l Норвешка е и најискусната репрезентација во однос на одиграните натпревари на ЕП, и покрај тоа што недостигаат клучни играчи, како Вероника Кристијансен, Камила Херем, Сана Солберг-Исаксен или Кари Дејл, сите со над 100 меча за националниот тим -пишува ЕХФ. Актуелните европски шампионки имаат просечен број одиграни натпревари за репрезентацијата од 77,5 по играч, најголем на ЕП 2022, само три меча повеќе од Данска, која има исто јадро повикано од селекторот Јеспер Јенсен како и на претходните два големи турнира.
  • Репрезентацијата со најголемо искуство е Шпанија, која има состав од 18 играчи за ЕП 2022, со просечна возраст од 27,8 години. Тие ја имаат и најискусната ракометарка на турнирот, голманката Силвија Наваро (43), која шести пат настапува на ЕП. Веднаш зад Шпанија, со просечна возраст од 27,3 години е Норвешка, а следуваат Данска (26,5), Шведска (26,4), Холандија (26,4)…