Фото: РФМ

Во квалификациите црвено-жолтите нема да играат со Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Фарски Острови и со Грција. Ждрепката е на 21 март, а на ЕП 2026 ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани селекции

Македонија од вториот барабан тргнува кон своето деветто ЕП

Македонската машка ракометна репрезентација е сместена во вториот барабан пред ждрепката за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, која треба да биде влечена на 21 март во Копенхаген (Данска), на патот кон своето деветто ЕП.
Во квалификациите ќе учествуваат 32 репрезентации. Во вториот барабан се и селекциите на Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Фарски Острови и на Грција, со кои Македонија нема да се сретне во овие квалификации. Во најсилниот барабан се сместени репрезентациите на Германија, Шпанија, Унгарија, Хрватска, Исланд, Словенија, Португалија и на Холандија. Во третиот барабан се наоѓаат селекциите на БиХ, Словачка, Белгија, Швајцарија, Романија, Литванија, Украина и на Италија, а во четвртиот се репрезентациите на Финска, Израел, Естонија, Грузија, Турција, Луксембург, Косово и на Летонија.
ЕП 2026 ќе се игра во Хернинг (Данска), Кристијанстад, Малме (Шведска) и во Осло (Норвешка), со учество на 24 репрезентации. Според пропозициите на Европската ракометна федерација (ЕХФ), пласман на ЕП 2026 ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции.
Данска, Норвешка и Шведска, како домаќини на континенталното првенство, директно се пласираа на ЕП 2026, како и европскиот шампион Франција. Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Германија, Шпанија, Унгарија, Хрватска, Исланд, Словенија, Португалија, Холандија
2: Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Македонија, Фарски Острови, Грција
3: БиХ, Словачка, Белгија, Швајцарија, Романија, Литванија, Украина, Италија
4: Финска, Израел, Естонија, Грузија, Турција, Луксембург, Косово, Летонија