Фото: „Нова Македонија“

Она што е фер однос е граѓаните секогаш да знаат за што гласаат и да имаат политичка извесност околу политиките што ќе ги спроведува некоја идна владејачка структура во следните четири години. Сите мора да се држат до она што го понудиле во својата програма, па дури и ако не ја освојат власта, туку од позиција на опозиција да ѝ ја наметнуваат својата програма на власта како компетитивен натпревар на подобри концепти, па да биде избран најдобриот модел во интерес на граѓаните и државата. Граѓаните во сето тоа ќе препознаат принципиелност, држење до сопствените ставови и ветувања дадени пред оние што гласале за нив. Сѐ друго е манипулација

Политичка манипулација е партија да има една програма и ветувања пред избори,
А ПОТОА ДА постапува поинаку

Огромната апатичност и разочараност во македонското општество во најголем дел се должи на лажните ветувања што ги даваа политичките партии и политичарите сите во овие три и кусур децении независност, кога преку некакви квазипрограми им се претставуваа на граѓаните, кога едно му ветуваа на електоратот пред избори, а друго правеа кога ќе се добереа до власта.
Тоа најдобро на своја кожа го почувствуваа граѓаните изминатите години, кога наместо борба со корупцијата, едно општество за сите, неселективно владеење на правото што им беше ветено пред изборите, добија промена на уставното име, како и асиметрични договори со Грција и Бугарија (кои не беа ниту споменати како некакви програмски проекти), поради што земјата сега е доведена во подредена улога постојано да исполнува наметнати обврски. Истата владејачка структура и натаму продолжува да спроведува работи што воопшто не ги ветила, без оглед што се работи за клучни прашања во делот на надворешната политика, од што во голема мера ќе зависел исходот на гласањето доколку граѓаните пред седум години биле начисто и знаеле дека идната влада има намера да го менува името на државата, да прави уставни измени и да склучува договори со Грција и со Бугарија во четири очи. Се работи за класична свесна манипулација на гласачите само за да се освои власта, за потоа да се спроведува некоја друга агенда, која претходно ја немало во ниту една програма на политичките партии што тогаш претендираа за освојување на власта, но очигледно ја имало во некои други програми наметнати од страна.

Граѓаните имаат право да знаат што добиваат за својот глас

Сето тоа придонесе низ годините граѓаните целосно да ја изгубат довербата во политичарите, така што сега во пресрет на претседателските и парламентарните избори со право бараат од претендентите за функции да излезат со јасна програма во која точно ќе ги посочат целите кон кои ќе се стремат и за што ја бараат нивната доверба.
Она што е фер однос е граѓаните секогаш да знаат за што гласаат и да имаат политичка извесност околу политиките што ќе ги спроведува некоја идна владејачка структура во следните четири години. Сите мора да се држат до она што го понудиле во својата програма, па дури и ако не ја освојат власта, туку од позиција на опозиција да ѝ ја наметнуваат својата програма на власта како компетитивен натпревар на подобри концепти, па секогаш да биде избран најдобриот модел во интерес на граѓаните и државата. Граѓаните во сето тоа ќе препознаат принципиелност, држење до сопствените ставови и ветувања дадени пред оние што гласале за нив. Сѐ друго е манипулација. Разбирливо, политиката е динамичен процес и се случуваат работи што бараат политички решенија во моментот, но затоа постојат институти, меѓу кои и институтот референдум, преку кој може во секој момент да се праша народот за работи што ги немало во предизборната програма, но кои актуелниот момент ги наметнал и треба да се донесе одредена одлука. Тоа е фер однос кон сопствениот народ, сѐ друго е изигрување на граѓанската волја.
Многу полошо и крајно лукративно е ако некои работи однапред се планирале, но не им биле соопштени на граѓаните пред избори и ги немало во изборната програма, за подоцна да се протнат во текот на владеењето и на тој начин да се изигра граѓанската доверба, излегувајќи подоцна со дрски изјави од типот дека „ако политичарите го прашувале народот, државата ќе останела заглавена“.

Важен е принципот на т.н. политичка предвидливост!

Принципот на предвидливост, како во економијата, мора да постои и во политиката. Гласачите сакаат да знаат што добиваат во следните четири години, дали се тоа пониски даноци, подобри образовни програми, подобра медицинска грижа и редовно снабдување со лекови, стабилни цени, помала корупција, пристојни примања, а партиите се должни таксативно во своите програми да им го наредат тоа и да се држат доследно до секоја точка и запирка што ја ставиле во програмата. Тоа е таа предвидливост што му е потребна на македонското општество, наместо постојаната конфузија и хаос што ги практикуваат партиите кога се на власт, поаѓајќи првенствено како да ѝ се додоворат на меѓународната заедница, а потоа како да го убедат народот дека тоа што го направиле спротивно на народната волја, всушност е добро за граѓаните, но тие во моментот не го разбирале тоа. Потценувачкиот однос кон сопствениот народ мора да престане.
– Триесет години најбезобѕирно е лажен овој народ. Пред секои избори му ветуваат брда и планини, а по избори нема ништо од ветувањата. Можеби треба партиските изборни програми претходно да се заверуваат во некоја институција, така што ако се отстапи од нив или ако се излезе надвор од презентираната рамка без граѓанска согласност, власта веднаш да си замине. Не може да ни кажуваат дека нема промена на името на државата и на Уставот пред избори, па потоа да ги сменат. Не може да не опоменеш во изборната програма дека ќе склучиш договори со Бугарија и Грција во кои ќе има во најголем дел обврски само за Македонија, па потоа да очекуваш народот да го прифати тоа. Не може да не ставиш во изборната програма дека ќе прифатиш преговарачка рамка со ЕУ во која ќе има дополнителни услови што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Не може да ветиш референдум за клучните прашања, а потоа да не ја почитуваш граѓанската волја. Сѐ се тоа крупни работи што граѓаните морале да ги имаат пред себе пред да ја заокружат политичката опција на денот на изборите. Вака испаѓа дека граѓаните се најдрско излажани и затоа сега е присутна сета оваа разочараност во општеството и затоа луѓето сѐ повеќе се иселуваат – вели Јордан Димовски, економист.
Досегашните искуства покажаа дека граѓаните најчесто ги демонстрираат сопствената разочараност и фрустрираност од тоа што се изманипулирани така што на следните избори ги казнуваат оние што не ги исполниле дадените ветувања, уште повеќе што работеле на нешто за што не добиле мандат од народот.

Контролни механизми за следење на предизборната програма

Четири години и не е толку кратко време за да се дозволи класична злоупотреба на власта со спроведување агенди надвор од изборната програма, па наместо да се чека толкав период за на некои следни избори повторно народот да ги казнува оние што го манипулираат, треба да се активираат контролни механизми. А тоа е Собранието преку анкетни комисии, кои постојано ќе ја мониторираат работата на министрите и ќе проверуваат дали тие се држат до програмските цели што им ги ветиле на граѓаните и на тој начин ќе ги разобличуваат пред јавноста. Потоа тука е и претседателот на државата, кој го дава мандатот за состав на влада и кој со право треба да ја има во свои раце програмата на идната влада, за да знае дали тие излегуваат од програмските определби што претходно ги соопштиле и врз чија основа барале мандат. Ништо помала не е ниту улогата на Уставниот суд, кој јасно и недвосмислено може веднаш да пресече ако нешто е спротивно на Уставот на државата. Сите овие институции треба да бидат контролори на таквите политики, односно ако увидат какви било застранувања, деформации, излегувања надвор од рамката, веднаш да прашаат каде е тоа ветено пред граѓаните, колку е тоа во согласност со националните интереси, има ли конфликт со домашната легислатива, но и со Уставот генерално.
Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски се согласува со тезата дека пред секој изборен циклус се врши класична манипулација на граѓаните, односно едно им се ветува пред избори, а друго се прави кога ќе се освои власта.
– Тоа значи дека ниту една политичка партија всушност и нема вистински програми од кои граѓаните ќе стекнат реална слика што добиваат во следниот период, туку тоа се обични политички памфлети од типот ова ќе направиме во економијата, она во здравството, ова во образованието, во инфраструктурата и на крај нема да направат ништо. Сите говорат за нашите стратегиски интереси, за брз влез во ЕУ, но за тоа се потребни реформи во јавна администрација, судство, енергетски систем… Овие реформски работи се само рекла-кажала во нивните политички памфлети со кои излегуваат пред граѓаните и даваат празни ветувања. Нашите партии немаат идеологија, треба да се знае која е лева, која десна партија, така што треба да се знае што може тие да ветуваат од идеолошки аспект, а не да се расфрлаат само со обични флоскули – вели Давитковски.
Според него, ако постоеше реална вистинска програма, прецизно и по точки ќе се наведат сите стратегиски приоритети, граѓаните точно ќе знаат какви се намерите на одредена партија и врз основа на таквите перцепции, ќе одлучат дали ќе го дадат гласот за таа политичка опција што им се чини дека најдобро би можела да ги оствари стратегиските и граѓанските интереси.
– Една партија ќе добие доверба за да направи реформи потребни за евроинтеграциите, за потоа да ги менуваат името на државата и ставот за влез во НАТО. Или нешто друго обратно ќе направат. Политиките не им се конзистентни, односно се водат од денес за утре. Такви се нашите политичари, без визија. Како ќе дувне ветерот, така се ориентираат. На почетокот имаат една концепција, но во зависност од потребите на коалицискиот партнер ретерираат по одредени прашања и така се изигрува волјата на граѓаните – посочува Давитковски.
Тој смета дека клучно би било партиите наместо да се расфрлаат со ветувања пред граѓаните што не ги исполнуваат, да почнат да ги прават внатрешните реформи, да поведат борба со корупција, за што нема никој да им забележи.
– Постојано македонските граѓани се изманипулирани од двете најголеми политички партии. Тој што ќе ја земе власта, кога ќе почнат тендерите, брзо ги заборава ветувањата. На сите избори досега се случува класична манипулација на граѓаните, едно им се ветува, друго се прави. Никој не останал доследен на она што го ветил, а сето тоа произлегува од тоа што нема демократија во нашите партии и нема идеологија во нив – заклучува професорот Давитковски.