Европа ќе има 12 клуба на СП 2025, а досега пласман обезбедија Манчестер сити, Реал Мадрид, Челси, Баерн, Пари Сен Жермен, Интер, Порто, Бенфика и Борусија Дортмунд

ФУДБАЛ

Уште два тима неделава би можеле да ги резервираат своите места на инаугуративниот настан, клупското Светско првенство, придружувајќи им се на 20-те клуба што веќе обезбедија учество на турнирот во САД, во 2025 година, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Еден од Јувентус (Италија) и Атлетико Мадрид (Шпанија) ќе се пласира, а и Салцбург (Австрија) би можел да резервира свое место, пишува ФИФА.
Европа ќе има 12 клуба на СП 2025, а досега пласман обезбедија Манчестер сити (Англија), Реал Мадрид (Шпанија) и Челси (Англија), како континентални шампиони во претходните три сезони, како и Баерн (Германија), Пари Сен Жермен (Франција), Интер (Италија), Порто (Португалија), Бенфика (Португалија) и Борусија Дортмунд (Германија) преку рангирањето на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува ФИФА.
Реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите во Европа, вчера помеѓу Барселона и Наполи, е клучен натпревар и за тие два клуба за пласман на СП 2025 и за уште два европски гиганти.
Од вкупниот исход зависи дали на клупското Светско првенство ќе се пласира Јувентус или Атлетико, преку рангирањето на УЕФА. Салцбург ќе се пласира на Мундијалот на клубови преку ранг-листата во зависност од резултатите на некои клубови неделава во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Азија има четири места на клупското СП во 2025 година, Ал Хилал (Саудиска Арабија) и Урава редс (Јапонија) се пласираа откако ја освоија Лигата на шампионите на Азија во 2022 односно во 2023 година. Едното место е за победникот на годинашната Лига на шампиони, а другото за клуб преку патеката за рангирање, пишува ФИФА.
Трката за освојување на четвртото и последно место во Северна Америка како победник на Купот на шампионите сезонава продолжува со реваншите од осминафиналето неделава. Монтереј (Мексико), Сиетл (САД) и Клуб Леон (Мексико) веќе се пласираа откако го освоија Купот на шампионите во Северна Америка во 2021, 2022 и 2023 година.
Неделава исто така ќе биде завршена квалификациската фаза на Копа либертадорес во Јужна Америка, каде што има три слободни места од вкупно шест, едно за годинашниот победник и две преку патеката за рангирање. Бразилските Палмеирас (првак на Јужна Америка во 2021 година), Фламенго (2022 г.) и Флуминенсе (2023 г.) се трите клуба што веќе ги обезбедија своите места на СП 2025. Н.М.