Не ми е толку важен резултатот, колку што ми е важен пристапот во самиот натпревар. Сметам дека ова ќе биде поттик за играчите, за тоа што ни претстои, да работиме уште понапорно. Не може да нѐ понесе никаква еуфорија, газиме цврсто на земја и знаеме што нѐ очекува, вели селекторот Лазаров, откако Македонија го совлада Кувајт со 31-21 во првиот од двата тест-дуела во Маврово (вториот е денеска од 16 часот)

РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА ЕП 2022

Среќен сум, не затоа што го победивме Кувајт со 10 гола разлика, туку затоа што пред натпреварот им укажав на репрезентативците дека стартуваме без девет стандардни ракометари, што поради повреди, што од други причини и успеав да ги уверам дека без разлика на тоа, ако се сака, се може. Имаме промена на генерација и морате на вакви натпревари да им дадете шанса на помладите. Среќен сум што голем дел од нив ја искористија, вели македонскиот селектор и капитен Кирил Лазаров.
Македонската машка ракометна репрезентација го совлада Кувајт со 31-21 (14-13) во првиот од двата контролни дуела во Маврово (вториот е денеска од 16 ч.), а во рамките на подготовките пред претстојното Европско првенство (ЕП) во јануари во Унгарија и во Словачка. Мартин Серафимов со седум гола беше најефикасен играч на средбата, пет реализира Филип Талески, по четири постигнаа Бојан Маџовски и Гоце Ојлески… Кувајт неодамна ги загуби двете средби со Црна Гора во Подгорица со 29-27 и 28-17. Македонија на ЕП е во група со Црна Гора, Словенија и со Данска.
– Ме радува и тоа што во првото полувреме игравме во егал, со само еден разлика за нас, но затоа во второто едноставно го засиливме ритамот и успеавме да славиме со 10 гола разлика. Не ми е толку важен резултатот, колку што ми е важен пристапот во самиот натпревар. Сметам дека ова ќе биде поттик за играчите, за тоа што ни претстои, да работиме уште понапорно, да се обидеме да ги задржиме добрите работи, а да ги поправиме слабите и да напредуваме од ден на ден. Не може да нѐ понесе никаква еуфорија, газиме цврсто на земја и знаеме што нѐ очекува. Но ме радуваат пристапот и ангажираноста на тренинзите на ракометарите. Знаев дека ќе одиграме квалитетно, бидејќи во претходните четири-пет дена работевме максимално напорно и посветено – вели Лазаров.