Горан Ѓоргоноски во Нашице/Фото: Официјална страница на РК Нексе

Впечатливо излагање на поранешниот македонски репрезентативец на конференцијата „Ракометни разговори“ во Хрватска

Обраќањето на поранешниот ракометен репрезентативец Горан Ѓоргоноски на македонски јазик наиде на позитивен прием на дводневната конференција „Ракометни разговори“ (Handball Talks) одржана во Нашице, Хрватска, што треба да претставува сигнал и за други јавни личности од Македонија да го промовираат јазикот во странство, особено во ситуација кога е оспоруван од Бугарија која е членка на Европската Унија. Основачот и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“ успешно ги претстави Македонија и македонскиот ракомет, зборувајќи за предизвиците во работата со младите играчи во друштво на други познати ракометни имиња од регионот.

– Кога ме поканија, најавив дека моето излагање ќе биде на македонски јазик. Прво што ми падна на памет е дека треба да зборувам на македонски, колку и да е голем настанот. Чувствував дека тоа е особено важно во ситуација кога македонскиот јазик е соочен со надворешни напади. Ги поздравив присутните на српско-хрватски, а потоа продолжив на македонски. Мислам дека и на организаторите им беше драго и изразија пофалби, истакнувајќи дека присутните го разбираат јазикот. Обраќањето беше добро примено, што треба да претставува порака и за други македонски спортисти и јавни личности да зборуваат македонски кога ќе гостуваат во регионот. Имам чувство дека ние секогаш треба да се прилагодуваме кон другите во однос на јазикот, додека во Македонија сме имале бројни странски спортисти што не се подготвени да го сторат истото. Врвни спортисти од Македонија досега се прилагодуваа на јазикот на домаќинот во разни прилики, а токму ваквите настани претставуваат убава можност да се промовира македонскиот јазик –  нагласи Ѓоргоноски.

Фото: Официјална страница на РК Нексе

Тој учествуваше на панелот насловен „Нови генерации – нов пристап“ во рамки на вториот ден на конференцијата, на кој се осврна на предизвиците за поттикнување на интерес кај младите за ракометот.

– Задоволен сум како ги претставив Македонија и македонскиот ракомет. Зборував за проблемите од недостигот на деца на возраст од шест до 12 години во ракометот, што се должи на дигитализацијата, нивното воспитување, односно преголемата грижа на родителите и неподготвеноста на децата да тренираат. Ја спомнав и перспективата на младите ракометари од 12 до 15 години, кои се почесто се ориентираат кон ИТ-секторот, што е карактеристично и за другите професии. Имаме проблем да ги внесеме децата во сала, а за да ги заинтересираме организираме кампови, ракометни настани и гостувања на врвни ракометари со кои тие би можеле да се поистоветат. За ваквата ситуација разговаравме и со другите учесници на панелот – истакна Ѓоргоноски.

Конференцијата во Нашице беше прилика и за воспоставување на понатамошна соработка меѓу учесниците, што може да донесе корист и за македонскиот ракомет.

– По конференцијата очекувам да дојде до соработка, вклучително и на претстојното трето издание на ракометниот камп „40х20“ во Охрид. Разговарав и со координаторот на младинските категории на унгарски ПИК Сегед и изразив желба да бидам нивен гостин откако увидов каква програма за работа имаат, врвно организирана и на државно ниво во координација со тамошната ракометна федерација – посочи Ѓоргоноски, кој очекува покана и на наредни настани од сличен карактер.

Особен впечаток во Нашице, како што истакна и Ѓоргоноски, остави панелот „Ракомет – вчера, денес и утре“ на кој учествуваа три врвни тренерски имиња од регионот, поранешните македонски селектори, Лино Червар и Веселин Вујовиќ, како и Касим Каменица. Меѓу македонските претставници на конференцијата беше и поранешниот репрезентативен голман Борко Ристовски. М.Ж.

Фото: Официјална страница на РК Нексе