Станојоски (десно) и Ристески Фото: Приватна архива

Македонската машка и женска шаховска репрезентација постигнаа победи во деветото коло на 44. Шаховска олипијада (ШО) во индискиот град Ченаи, што се одигра денеска. Шахистите, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (235 ВМ), со максимални 4-0 го совладаа Трининад и Тобаго, рангиран 91-ви (просечен рејтинг 2.213 поени). Прв партијата ја доби ИМ Никола Николовски, потоа ИМ Тони Лазов, па ФМ Емил Ристески, а последен мечот го напушти ВМ Звонко Станојоски играјќи со бели фигури.,

Женската репрезентација пак, рангирана 71-ва (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), славеше со 3-1 против соодветната селекција на Уганда, рангирана 93-та (просечен рејтинг 1.651 поени). Прва славеше Моника Жежовска, потоа Леа Ефтовска, а предноста ја зголеми Драгана Николовска. Единстевено загуби индиспонираната, ЖФМ Моника Стојковска на првата табла, која во еден момент имаше добиена позиција, потоа реми во неколку наврати, за во завршницата, во недостиг на време за размислување одигра неколку непрецизни потези.

За мажите, предводени од селекторот Трајко Недев, ова беше петта победа на ШО во Ченаи и сега во своето салдо имаа 11 екипни бода (22 по табли) и ќе го поправат моменталниот пласман на табелата, кој пред ова коло беше на 69-то место. Шахистките пак, под водство на селекторот Љубиша Андоновски, го остварија исто така петтиот екипен триумф и сега со 10 екипни бода (18,5 по табли), ќе го поправат 79-то место, на кое беа пред овој меч. Останатите партии од ова девето коло, се уште беа во тек. До крајот на ШО во Ченаи остануваат уште две кола.

Г.И.

МАКЕДОНИЈА – ТРИНИДАТ И ТОБАГО 4-0

ВМ Звонко Станојоски (2.412) – ФМ Руан Харпер (2.208) 1-0 (53 потези)

ФМ Емил Ристески (2.405) – ФМ Џошуа Џонсон (2.178) 1-0 (51)

ИМ Тони Лазов (2.374) – ФМ Исаиах Џонсон (2.215) 1-0 (39)

ИМ Никола Николовски (2.366) – ФМ Атвел Винтер (2.250) 1-0 (32)

УГАНДА – МАКЕДОНИЈА 1-3

Пенинах Накабо (1.747) – ЖФМ Моника Стојковска (2.091) 1-0 (63)

ЖКМ Шакира Ампаире (1.666) – Николовска Драгана (1.876) 0-1 (60)

ЖФМ Глона Нансубуга (1.538) – Леа Ефтовска (1.634) 0-1 (52)

Милу Такали (1.482) – Моника Жежовска (1.588) 0-1 (62)