По осум поени освоија Дражиќ, Данов и Лајтхајм, но Дражиќ победи поради подобар резултат во дополнителен критериум. Од македонските шахисти Ристески е шести, Јорданов седми, Михов осми, Звездакоски 10-ти… Најдобра шахистка е Стојковска, која со шест поени го освои 30-то место
ЗАБРЗАН ШАХ – „ОПЕН АЛКАЛОИД 2023“
Српскиот велемајстор (ВМ) Синиша Дражиќ (2.384 рејтинг-поени во забрзан шах) победи на осмиот традиционален турнир во забрзан шах „Опен Алкалоид 2023“ во Скопје. По девет кола Дражиќ (рангиран четврти пред почетокот на турнирот) освои осум поени (плус нови 13,3 р.п.), колку што имаа и второпласираниот, Бугаринот Љубомир Данов (2.374, рангиран деветти), и третопласираниот, ВМ од Србија, Борко Лајтхајм (2.363, рангиран 11-ти), но со послаб дополнителен критериум.
Најдобар македонски претставник е ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.304, рангиран 15-ти), на шестото место (плус 22,8 р.п.). Михаил Јорданов (2.021, рангиран 49-ти) е седми (плус 79,2 р.п.), Филип Михов е осми (2.195, рангиран 26-ти), Матеј Звездакоски (1.896, рангиран 74-ти) е 10-ти и искусниот ФМ Владимир Тркаљанов (2.170, рангиран 30-ти) е 14-ти, сите со по седум поени. Најдобра шахистка е ЖФМ Моника Стојковска (2.015, рангирана 51.), која со шест поени го освои 30-то место (и нови 19,2 р.п), а толку поени имаше и ЖИМ Габриела Коскоска (2.012, рангирана 53-та), која е 33-та. ИМ Филип Панчевски (2.451), кој беше прворангиран, го освои 24-то место со шест поени.
На турнирот настапија рекордни 227 учесници, од нив вкупно 18 шахистки (претходниот рекорд беше 193 учесници во 2017 година) од Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Грција, Бугарија и од Косово, од нив осум ВМ, седум ИМ, по еден ЖИМ и ЖФМ, 11 ФМ. Вкупниот награден фонд беше 130.000 денари, од кои за победникот 22.000. Покрај десетте главни награди се доделија уште 10 дополнителни. Г.И.