Со поддршка на УНЕСКО, од 21 февруари 1999 година редовно се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, за да се прослават 6.500-те различни јазици што се зборуваат во светот денес. На овој ден се промовира лингвистичката и културната разновидност и се истакнуваат важноста и уникатноста на секој јазик на планетата Земја. По овој повод учениците од земјоделско-шумарскиот училиштен центар „Ѓорче Петров“ во Кавадарци, под менторство на професорот по македонски јазик Влатко Тасев, во библиотеката „Феткин“, по претходно подготвен модул на едукативна работилница, го пренесоа своето знаење пред учениците од деветто одделение од ООУ „Димката Ангелов-Габерот“ од Кавадарци. На работилницата беа истакнати различностите и значењето на мајчиниот јазик за секој граѓанин на планетата Земја, но и улогата на негувањето на јазикот за заштита од изумирање.
Издвојуваме дел од нивните пораки што беа изречена на работилницата по повод одбележувањето на мајчиниот јазик.

„Што е мајчин јазик? Тоа е јазикот што прв го учиме во нашите семејства. Тоа е пред сѐ јазикот што мајка ти ти го шепоти над лулката. Јазикот на кој ги учиш твоите први семејни врски. Јазикот на кој се сеќаваш на првите детски навреди и пофалби. Јазикот на кој ги учиш првите букви и откриваш кој си навистина.
Мајчиниот јазик е оној што непогрешливо го говориш. Постојат неколку илјади јазици во светот и сите тие се посебни. Секој од нив има уникатни зборови, гласови, свое сценарио и област за зборување. Но за мене јазикот што го зборувам е најубав. Токму како што треба да биде. Мојот мајчин јазик е македонскиот. Не затоа што е мој, тука затоа што навистина е така. Македонскиот јазик е најсовршениот јазик со фонетска азбука, сепак патот до тоа совршенство и убавина не бил лесен.
Негувањето на мајчиниот јазик е важно за зачувување на културниот идентитет на еден народ. За да го спасиме нашиот јазик од изумирање, мора да се грижиме за него и да го зборуваме со гордост, како што никој не може да ја замени мајката, така ниту еден јазик не може да го замени мајчиниот јазик.

Јазикот е најголемо духовно културно наследство и мораме да го чуваме како нешто најсвето, зашто предците во мошне тешки и неповолни историски околности се избориле за правото на употреба на својот јазик, за докажување на неговата посебност… Многувековната писмена традиција е најголемо сведоштво за посебноста на еден јазик и самобитноста на тој народ. Секој човек го зборува јазикот како вродена биолошка способност, јазикот е процес што трае и затоа се учи цел живот“.

Ми.М.