Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската женска ракометна репрезентација вечерва загуби од Франција со 14-24 во својот прв настап на Европското првенство 2022.

Избраничките на селекторот Љубомир Савевски, натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“  лошо го почнаа и по 15 минути имаа негатива од 0-5. На првиот гол кој го постигна десниот бек Јована Кипријановска македонските навивачи чекаа 16. минута. Во 21. минута македонската репрезентација се доближи на 3-6, но повторно следуваа пет врзани гола на Французинките за највисоки +8 во првото полувреме (3-11).

На паузата се отиде со резултат 5:12.

Франција која пред средбата важеше за апсолутен фаворит слично го почна и второто полувреме. Со серија од 3-0 за првпат стигна до двоцифрена предност (5-15). Оваа разлика им овозможи на гостинките со рутинирана игра да дојдат до сигурна победа.

Најефикасна во македонскиот состав воедно и натпреварот беше Моника Јанеска со пет голови.

„Црвено-жолтите“ бодрени од околу 3.000 гледачи вечерва не успеаја да направат изненадување, па шансата за први бодови ќе ја бараат в понеделник против селекцијата на Холандија.

Холанѓанките вечерва во терминот од 20.30 часот, исто така во СЦ „Борис Трајковски“ ќе играат со  Романија по што ќе се комплетира првото коло во Ц-групата на ЕП 2022.