Тотенхем двапати ремизира со Ливерпул, а со Манчестер сити забележа една победа и реми. Голот за реми со Ливерпул го постигна Сон, кој е првиот фудбалер што постигнал повеќе од 20 првенствени гола во една сезона, но ниту еден од пенал, по Бејл во сезоната 2012/2013

Ливерпул освои само еден бод против Тотенхем, 1-1, на стадионот „Енфилд“, по што се чини дека ги загуби шансите за освојување на титулата во англиската фудбалска Премиер-лига. На три кола до крајот на сезоната „црвените“, кои со ПСЖ се единствените два тима во петте најдобри лиги во Европа што се непоразени дома сезонава, имаат 83 бода, колку што има и Манчестер сити, кој вчера играше дома со Њукасл.
Тимот на Тотенхем, предводен од менаџерот Антонио Конте, одлично се бранеше, умешно искористи една од ретките шанси и заслужено освои еден бод. Тотенхем е првата екипа што го спречи Ливерпул да победи дома во Премиер-лигата по Брајтон во октомври 2021 година (2-2), односно тоа беше прво реми за „црвените“ по 12-те првенствени победи во низа. Конте загуби само еден од шесте дуели со Ливерпул во Премиер-лигата (има и една победа и четири ремија) и останува непоразен на „Енфилд“ во ова натпреварување (трипати 1-1).
– Тотенхем има индивидуален квалитет, имаше план за игра, беше јасно дека ќе биде неверојатно тешко. Можевме да победиме, но можевме и да загубиме од некој од нивните луди контранапади. Момците се повеќе разочарани од мене. Тоа е можеби поради мојата возраст и затоа што сум видел речиси сѐ во животот. Но одиме напред, не се предаваме – изјави Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.
Тотенхем го победи на гости Манчестер сити во февруари (3-2) и на некој начин ја изрежира трката за шампионската титула. Сезонава против двата најдобри тима во Англија, веројатно и во Европа, Тотенхем не загуби ниту еден од четири првенствени натпревари, двапати ремизира со Ливерпул, а со Сити забележа една победа и реми. Голот за Тотенхем го постигна Кореецот Сон Хеунг-мин, кој е првиот играч што постигнал повеќе од 20 првенствени гола во една сезона, но ниту еден од пенал, по Герет Бејл во сезоната 2012/2013.