Фото: Маја Јаневска-Илиева

Антифашистичките определби на македонскиот народ водеа кон одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Чествувањето на 9 Мај како победа над фашизмот е, всушност, чествување на македонската државност, како и реализацијата на македонските национални стремежи врз основа на придобивките од антифашистичката борба

Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа се творба на антифашистичка коалиција

Воениот конфликт во Украина и геостратегиските игри на европскиот континент фрлаат длабока сенка врз чествувањето на 9 Мај, денот што во европската и светската меморија останува запаметен како победа над екстремниот десничарски национализам, расизам, шовинизам и радикализам, олицетворени во европскиот нацизам и фашизам. Од денешен аспект, ако се земат предвид политичките случувања и меѓународните односи на светските и европските сили, впечатлива е поларизацијата околу одбележувањето на овој ден. Русија го одбележува 9 Мај како Ден на победата над фашизмот, со традиционална воена парада на Црвениот плоштад во Москва, а земјите-членки на Европската Унија како Ден на Европа, кога беше објавена декларацијата на Роберт Шуман. Од македонска перспектива, истовременото чествување на 9 Мај како Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа не е контрадикторно, всушност тие произлегуваат од антифашистичката коалиција предводена од Соединетите Американски Држави и Советскиот сојуз. Македонскиот народ го чествува 9 Мај како ден што има извонредно значење за македонската државност и формалноправното афирмирање на македонската нација, но и како симбол на нашите европски перспективи, членството во Европската Унија.

Декларацијата на Шуман чекор за создавање на Унијата

На 9 Мај сите земји-членки на Европската Унија го прославуваат Денот на Европа, како почеток на создавање на европскиот сојуз пет години по завршувањето на Втората светска војна. Овој ден се поврзува со декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман од 1950 година и има особено симболично значење за Европската Унија, како ден што претставува пресвртница во односите на европските држави.
Декларацијата на Шуман, која се смета за прв официјален чекор во создавањето на Европската Унија, е објавена на 9 мај 1950 година, но изборот на денот на објавата не е случаен. Токму на овој датум во 1945 година, Третиот рајх, творбата на Адолф Хитлер и неговиот нацизам, потпиша капитулација во Втората светска војна.
Во овој контекст, победата над радикалните сили е суштината на Европската Унија, а 9 Мај е прослава на слободата и демократијата, кои се втемелени врз заедничката антифашистичка борба. Врз овие основи се градеа и се градат односите на европските нации од кои произлегува европски сојуз, кон кој се стреми и Македонија.
Македонската историја и сегашност не се во противречност со европските вредности. Македонската современа држава беше и е поставена врз принципите на демократијата, различните убедувања, еднаквоста и рамноправноста пред законите на сите, без разлика на националноста, полот, расата и вероисповедта. Исто така и на гарантирање на изборното право и на личните и националните права на малцинствата, видливо во одлуките на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и темелите на македонската државност.

Деветти мај – еден од најважните македонски историски настани

Од македонска перспектива, истовременото чествувањето на 9 мај како Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа не е контрадикторно, всушност тие се резултат на антифашистичката коалиција од Втората светска војна предводена од Соединетите Американски Држави и Советскиот сојуз. Во однос на македонската државност и нација, 9 Мај има извонредно значење, бидејќи уште во почетокот на Втората светска војна македонското национално движење ја прифаќа антифашистичката определба врз основа на меѓународните принципи прокламирани од страна на антифашистичката коалиција. Македонскиот народ како сојузник на САД и Советскиот Сојуз во борбата против фашизмот ги постави темелите на современата македонска држава и формалноправното афирмирање на македонската нација.
Победата над фашизмот е еден од најважните историски настани во создавањето на современата македонска држава и афирмирањето на македонската нација. Антифашистичките определби на македонскиот народ водеа кон одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“.
Според македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев, точно на Илинден, како резултат на „успехот на антифашистичката борба и народноослободителната војна“ на македонскиот народ се одржува АСНОМ. Затоа чествувањето на 9 Мај како победа над фашизмот е, всушност, чествување на македонската државност. АСНОМ ги реализира македонските национални стремежи врз основа на придобивките од антифашистичката војна, односно остварување на платформата што беше градена во текот на Народноослободителната борба на македонскиот народ врз основа на јасен антифашистички принцип.

Овие антифашистички определби се нагласени во рефератот „Борба против окупаторот“, произлезен од Иницијативниот одбор за свикување на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија. Во него се вели дека АСНОМ е „симбол на националната слобода и прокламатор на првата во историјата по Самуил, македонска држава.“ Меѓу другото, во овој реферат се акцентира дека големиот антифашистички фронт е единствениот пат за спечалување на македонското право на самоопределување. Од одлуките на АСНОМ произлегува и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава, како манифестација на одделните македонски национални особености.
За важноста на антифашистичките темели на македонската државност и национална самобитност, Александар Литовски вели дека сосема јасно традициите на Гоце Делчев беа истакнати на Првото заседание на АСНОМ, кога за првпат во македонската историја беше создадена македонската национална држава, врз чиј континуитет се изградува и денешната современа македонска држава.