Од поразот на Ливерпул дома од Челси во март 2021 година, Тијаго почна 36 меча, на кои „црвените“ загубија само еднаш. На 11-те дуели во Премиер-лигата на кои Ливерпул не победи сезонава, на шест недостигаше Тијаго

ФУДБАЛ

Ливерпул освои два трофеја сезонава, во ФА и во Лига-купот, може да освои уште еден, во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во која во финалето на 28 мај во Париз игра со Реал Мадрид. Но каква и да биде разврската, факт е дека Ливерпул има одлична сезона, во која ги одигра сите мечеви со сите натпреварувања, над 60 досега, што ретко се случува, пишува „Би-би-си“.
Сите фудбалери заслужуваат честитки, но според формата во претходните недели се издвојува играчот од средниот ред, Тијаго Алкантара, Шпанец со бразилски корени, роден во Италија пред 31 година. Тој беше одличен на двата меча со Вилјареал во полуфиналето на ЛШ, му помогна на Ливерпул во освојувањето на ФА-купот и постојано беше одличен во Премиер-лигата.
Кога Ливерпул го ангажира Тијаго од Баерн во септември 2020 година, за релативно мала сума, од околу 20 милиони фунти, тоа со право беше пофалено како неверојатно добра трансфер-работа на клубот. Тоа беше играч што ја освои ЛШ, повеќе домашни титули и други трофеи со Барселона и со Баерн, и важеше за еден од најдобрите плејмејкери во светот. Но почетокот во Ливерпул му беше тежок, бидејќи веднаш по пристигнувањето неговото влијание го попречи ковид-19, а потоа и повредите. Некои се прашуваа дали неговиот стил на игра му одговара на Ливерпул, го етикетираа како „луксузен играч“, а поранешниот играч од средниот ред на „црвените“, Германецот Дитмар Хаман во 2021 година изјави дека со него „средниот ред е полош“, затоа што премногу ја забавува играта. Тогаш се чинеше како валиден коментар, но со текот на времето средниот ред на „црвените“ еволуира и стана поусогласен со начинот на кој игра Тијаго. Тој организира сѐ и убаво е да се гледа како игра.
– Кога ќе треба да се помине низ средината, кој комотно го прави тоа со кратките додавања? Тоа е Тијаго. Ливерпул стана подобар со тоа што го има него бидејќи е многу комотен играјќи таков фудбал. Тој е идеален на оние натпревари кога играте против тим што игра затворено, тој е човек за контрола – изјави шпанскиот фудбалски новинар Гилем Балаге за „Би-би-си“.
Сегашната статистика на Тијаго зборува сама по себе. Од поразот на Ливерпул дома од Челси, со 0-1, во март 2021 година, Тијаго почна 36 натпревари, а „црвените“ загубија само еднаш, повторно дома, од Интер, 0-1 во реванш од осминафиналето во ЛШ минатиот месец. На 11-те натпревари во Премиер-лигата, на кои Ливерпул не победи сезонава, на шест недостигаше Тијаго. Во победата во дербито над Евертон (2-0) неодамна, Тијаго имаше повеќе точни додавања од целиот противнички тим. Против Вилјареал во првиот полуфинален меч имаше 96 отсто прецизни додавања, меѓу кои неколку беа во последната третина од теренот, а девет долги додавања стигнаа до целта.
Некогашниот член на Манчестер Ј., Рио Фердинанд, вели дека фудбалската интелигенција на Тијаго особено се покажала на претходните мечеви.
– На теренот е таму за сите да го видат. Како да вежба и како да тестира некои работи, и секогаш му успеваат – вели тој.