Во шаховскиот свет, Кочовски е познат како ФИДЕ-мајстор, а кај нас најмногу како селектор и неуморен организатор и судија на шаховските турнири. Олимпијадата во Скопје не само што придонесе за поголема популарност на древната игра туку имаше рефлексија и врз младите луѓе, да почнат да ги „мрдаат“ фигурите на црно-белата табла

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (232) ИВАН КОЧОВСКИ (1)

По организацијата на машката и на женската Олимпијада во 1972 година, Скопје и Македонија се стекнаа со голема популарност во шаховскиот свет. По завршувањето на овој елитен собир, на кој првпат заедно учествуваа машките и женските репрезентации, стигнуваа честитки од сите страни за одличната организација и за извонредните услови за игра. Старото скопско сајмиште беше арената за возбудливите мечеви на најголемите светски шаховски имиња, меѓу кои имаше и неколку дотогашни светски прваци. Меѓутоа, она што го доби Скопје како „подарок“ од Олимпијадата не беа само за рекордно време изградениот хотел „Континентал“ и Олимпиското село на Водно туку и рефлексијата што ја остави овој настан врз целокупниот шаховски живот.
По тој собир, за кој уште долго се зборуваше, многу момчиња и девојки почнаа да се занимаваат со шахот, што можеби беше и најголемата придобивка од Олимпијадата. Овој пат ќе се задржам на биографијата на една личност што има посебно место во македонскиот шах. Иако во својата играчка кариера немаше шанса, а можеби и желба да оди погоре од ФИДЕ-мајстор, сепак, претставува почитувана личност во шахот. Станува збор за Иван Кочовски, кој сета своја младост му ја посвети на шахот, не само како турнирски играч туку и како демонстратор, организатор, судија, тренер и селектор. Едноставно тој е човек инфилтриран во сите сегменти од „древната игра“.

ВО „КАРПОШ“ СО ЧИЧКО ЖАРКО
Интересна е приказната на Кочовски за тоа како стигнал во шахот и што било пресудно токму „древната игра“ да биде негова спортска определба.
– Олимпијадата во Скопје во 1972 година не можеше да помине така, а да не се рефлектира врз нас, децата. Таа даде еден нов импулс во нашите детски години и јас, како впрочем и неколкумина мои другарчиња, решив да почнам да се занимавам со шахот. Но можеби немаше да бидат остварени нашите желби ако не беше популарниот чичко Жарко. Тој беше голем ентузијаст и, како вработен во пионерскиот дом „Карпош“, беше задолжен за реализирање на сите активности на децата, кои беа вклучени во повеќето секции. Една од тие беше и шаховската, која токму поради Олимпијадата, стана привлечна и за мене. Меѓутоа, можеби јас и моите другари немаше да запливаме во шаховските води ако не беше Жарко, кој негуваше посебни афинитети кон шахот. Тој како да ни ја всади љубовта кон оваа игра, која подоцна стана наша опсесија. Се сеќавам, во 1973 година, јас со Љубиша Андоновски и уште неколкумина бевме забележени од уште еден шаховски ентузијаст, Митре Иљоски, по чија препорака станавме членови на шаховскиот клуб ФЦУ, чиј пак покровител беше скопската цементарница. Така, полека тргнавме по шаховскиот пат, за кој и не можевме да претпоставиме дека ќе биде толку возбудлив, но трнлив и тежок. Сепак, задоволството што ни го носеше играта на црно-белата табла беше големо, па во ниеден момент не помислувавме да се повлечеме од патот по кој штотуку зачекоривме. Дојдоа и првите партии со нашите врсници, а и првите охрабрувачки победи. Сега, погледите ни беа свртени кон постигнување добри резултати во својата конкуренција, а подоцна и на оние посилните турнири со сениорите – вели Кочовски.
Очигледно беше дека во ФЦУ созрева една млада генерација, на која во наредниот период можеше да се потпира клубот. Тоа го забележаа не само љубителите на шахот туку и прекалените македонски шахисти Ничевски, Кизов, Софревски, Давчевски и други.
– Тие за нас беа вистинските асови и бевме пресреќни кога некој од нив ќе прифатеше да игра партија со нас. Тоа беше вистинско доживување. Во тие моменти и ние помладите чувствувавме дека нешто значиме, штом едни такви величини ни даваат шанса да играме со нив – вели Кочовски.

НЕЗАБОРАВЕН НАСТАП ВО ПУЛА
Неочекувано брзо младата гарнитура, во која Кочовски и Андоновски беа најекспонирани, добија шанса да ги одмерат силите и со сениорите. Тоа беше уште еден показател за нивниот талент и оти на нив во иднина сериозно се смета.
– Што се однесува до мене, иако уште немав 15 години, на македонската сцена имав многу дуели со сениорите. Иако без доволно натпреварувачко искуство, сепак, успевав да им дадам силен отпор на повозрасните. Така, набрзо се најдов во сениорската екипа на ФЦУ, за која најчесто настапував на втората или на третата табла. Првата, како што е вообичаено, не само во нашата екипа туку кај сите, беше резервирана за најискусниот шахист, со многу одиграни партии зад себе. Тогаш учествував и на шаховскиот фестивал (Купот на Југославија) во Пула. Таму имав шанса да играм со оние за кои дотогаш само сонував оти ќе дојде денот кога и јас ќе им се спротивставам. Бев импресиониран од шаховските великани како Глигориќ, Матановиќ, Ивков. Од оваа тројка, кога настапив во Пула беше само Ивков, но затоа тука беа оние што со брзи чекори тргнаа кон шаховскиот врв, како Соколов, Николиќ, Кожул, Хулак и други. Се трудев да им дадам отпор на звучните имиња, кои ги бранеа боите и на репрезентацијата на Југославија, која беше шаховска велесила и од сите големи приредби се враќаше со медал. Затоа секоја победа над некој репрезентативец беше многу значајна. Така, на пример, во тој период за многумина изненадувачка беше победата на Кутиров над репрезентативецот Хулак. Интересно е дека со него сите скопски шахисти добро се познававме и се спријателивме уште од деновите кога тој беше на отслужување на воениот рок во Скопје. По војничките години, Хулак со задоволство доаѓаше меѓу нас и беше постојан, многу посакуван гостин на турнирите во нашиот град. Интересно е да се обележи дека ние, младите скопски шахисти, кои во претходните години бевме демонстратори на турнирите, сега им бевме достојни противници на познатите имиња. Кога на ова ќе се надоврзе и фактот дека со својата шаховска сила импресионираа искусните Софревски, Ничевски, Кутиров, Русоманов, тогаш ќе стане јасно како екипата на Фонографика, чиј спонзор беше повеќекратниот првак на Македонија за слепи шахисти, Круме Митковски, на фестивалот во Пула се вивна толку високо и го постигна најголемиот успех, со делба на третото до петтото место. Во решавачкиот дуел за високите позиции игравме 2-2 со европскиот првак Босна од Сараево. Како денеска се сеќавам на резултатите, а особено на мојата победа на третата табла над велемајсторот Диздаревиќ. Тоа беше последна партија на турнирот, па тука се насобраа речиси сите учесници за да ги проследат последните потези – продолжи Кочовски.
За да се добие јасна слика за кариерата на Иван Кочовски, како активен играч, треба да се спомене дека тој беше постојан учесник на сениорските првенства на Македонија. На нив постигнуваше добри резултати, па така дојде до титулата ФИДЕ-мајстор.
– Дружењето со оние прекалени матадори од шаховската табла, од кои посебно би ги издвоил Ниче и Софре, добро ми дојде да напредувам и да откријам многу работи потребни за секого, особено за млад шахист. Исто така, во мојот развој од голема корист ми беше што уште од млади години ја следев шаховската литература, па, така, теоретски бев добро поткован. Сето тоа резултира и со мојот најголем меѓународен успех, освојување на првото место на турнирот во Гдиња, во 1988 година. Пред да играм во Полска, настапив на два турнира, во Џенова и во Пула, и добро подготвен стартував во Гдиња. Таму во 13 кола бев најдобар и го освоив првото место, а со тоа и првиот бал за интернационален мајстор – вели Кочовски.
Покрај веќе споменатите клубови ФЦУ и Фонографика, во одредени периоди Кочовски беше член на Студент, Алкалоид, Маврово и на Стево Патако.
Зошто Иван Кочовски не продолжи со активното играње и освојувањето на титулата интернационален мајстор ќе читате идната недела.


ИВАН КОЧОВСКИ

Роден: во 1959 во Слоештица, Демир Хисар
Играчка кариера: ФЦУ, Фонографика, Студент, Алкалоид, Маврово, Стево Патако, тренер и селектор на македонската репрезентација од 1994 до 2005 г.
Успеси: ФИДЕ-мајстор со многу учества и високи пласмани на сениорските првенства на Македонија, прво место и освоен прв бал за интернационален мајстор на меѓународниот турнир во Гдиња (Полска), делба на третото место со ШК Фонографика во Купот на Југославија во Пула, прогласен за најдобар селектор во Македонија во 2002 и во 2003 година
Судиска кариера: Меѓународен судија со Б-лиценца, учествувал како судија на три Олимпијади, во Тромсо во 2014 година, Баку во 2016-та и во Батуми во 2018 година, заменик на главен судија на КЕШ во Скопје во 2015-та и во Струга во 2021 година, заменик на главен судија на поединечно ЕП во Ѓаковица во 2016-та и на поединечно ЕП во Скопје во 2019 година, главен судија на Олимпијада за слепи и визуелно хендикепирани лица во Охрид во 2017-та, главен судија на меѓународниот турнир „Карпош опен“ од 2011 до 2017 година