Подеталната подготовка, подобрената техничка способност на фудбалерите и отфрлањето на идејата за „лотарија“ при шутирањето пенали се сметаат како причина за подобрената ефикасност. Згора, форензичката подготовка сега е широкораспространета на сите нивоа во професионалниот фудбал, играчите имаат видеоснимки за противничките голмани и други податоци, а промената на правилото според кое голманите мора со едната нога да бидат на гол-линијата е мала предност во корист на играчот што шутира

Во неделното финале на фудбалскиот Лига-куп на Англија, Ливерпул и Челси изведоа 21 успешен пенал, без грешка, пред голманот на Челси, Кепа Аризабалага, да го промаши 22-от. Во финалето на Лига Европа лани, Вилјареал и Манчестер јунајтед, исто така, реализираа 21 пенал, а голманите Геронимо Рули и Давид де Хеа ништо не одбранија. Нешто слично се случи и во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) лани, на мечот помеѓу Франција и Швајцарија, пред Килијан Мбапе да го промаши одлучувачкиот пенал.

ОТФРЛЕНА Е ИДЕЈАТА ЗА ЛОТАРИЈА

Подеталната подготовка, подобрената техничка способност на фудбалерите и отфрлањето на идејата за „лотарија“ при шутирањето пенали се сметаат како причина за подобрената ефикасност, се наведува во написот на британскиот весник „Телеграф“. Но тој висок стандард на успешни удари од белата точка на ЕП лани не продолжи во текот на целиот турнир. На мечот Шпанија – Швајцарија во четврт-финалето беа промашени пет пенали, а Маркус Рашфорд, Џејдон Санчо и Букајо Сака промашија пенали за Англија во финалето против Италија. Сепак, впечатокот е дека играчите стануваат сѐ попрецизни и поотпорни на притисокот при изведувањето пенали. На што се должи тоа?
Постојат некои ситни нематеријални фактори што би можеле да се причина за тоа подобрување. Прво, форензичката подготовка сега е широкораспространета на сите нивоа во професионалниот фудбал. Старата поговорка дека пеналите се еден вид „лотарија“ се смета за заблуда. Сега играчите имаат видеоснимки за противничките голмани и други податоци (иако истото тоа важи и за голманите, кои ги проучуваат изведувачите на ударите). Фудбалерите на Англија на тренинзите ја вежбаат стресната прошетка од центарот на игралиштето до белата точка. Приодот е дека „не можете повторно да го создадете притисокот“, но добрите рутини и мускулната меморија може да се вкоренат кај играчите, пишува „Телеграф“.

МУСКУЛНА МЕМОРИЈА

Промената на правилото според кое голманите мора со едната нога да бидат на гол-линијата кога се изведува пеналот ги оневозможува да скокаат напред и да го стеснат аголот, што е мала предност во корист на играчот што шутира. Општо, фудбалот е потехнички и помалку физички, и борбен. Се очекуваат повисоки стандарди од дефанзивците и од голманите кога ја имаат топката во нивните нозе, што, теоретски, би требало да ги направи подобри изведувачи на пенали доколку тимот отиде до осум, девет, па и 10 изведувачи. Пеналот на Вирџил ван Дајк на страната што голманот се обидуваше да ја заштити беше одличен пример за беспрекорната техника на модерниот дефанзивец.
За жал, тешко е да се дојде до поцврсти емпириски докази за изведувањето пенали. Статистиката за изведените пенали не е собирана најдобро и се третира како нешто одвоено од натпреварите. Очекуваниот процент на постигнати голови од пенал е некаде помеѓу 0,76 и 0,78 отсто. Тоа значи дека треба да се очекува приближно еден на секои пет пенали да биде промашен, или два по удар, ако двата тима изведат по пет. Од 1982 година наваму просечниот број искористени пенали на светските првенства (СП) е доста константен, некаде помеѓу шест и седум пенали.
Највисокиот просек беше девет, на СП 1982, но тоа се должи на фактот дека имаше само еден нерешен резултат по кој се изведуваа пенали, Западна Германија – Франција, 5-4, во полуфиналето. Со пеналите на ЕП е доста слично, со некои исклучоци, како на мечот Чехословачка – Италија, 9-8, во 1980 година. Од почетокот на сезоната 2018/2019 имало 38 пенали во европските клупски натпреварувања (во Лигата на шампиони и во Лига Европа). Најчестиот резултат е 5-4, на осум меча. Ова е малку повисоко од историскиот просек на постигнати пенали на СП.
Во претходните три сезони имаше по еден меч што заврши 6-5, 7-6, 9-8, 11-10 и 12-11. Најмногу пенали, рекордни, се реализирани кога Аргентинос јуниорс го победи Расинг со 20-19 и по 44 шутирани пенали во аргентинскиот шампионат во 1988 година.
Од друга страна, вториот најчест резултат е 4-2, што се случи седум пати и е во опсег на просекот на СП. Неделното финале на Лига-купот беше трето од сезоната 2018/2019 во кое учествуваа англиски клубови и кое заврши со резултат 11-10. На ЕП 2020, осум од 17 пенали досудени во регуларното време беа промашени. Тоа значи дека играчите можеби се сѐ подобри во изведувањето пенали на крајот, но е и во регуларното време од мечевите. Варијаблите и чистата случајност сѐ уште се во игра.