Во големото финале во Сиднеј, Австралија, тие го совладаа актуелниот европски првак, репрезентацијата на Англија, со 1-0 и за првпат во својата историја го подигнаа славеничкиот пехар во оваа конкуренција. Третото место го освои Шведска, која ден претходно во Бризбејн, со 2-0, го совлада домаќинот Австралија

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Женската репрезентација на Шпанија е нов светски првак фудбал, откако во големото мундијалско финале одржано во Сиднеј, Австралија, минимално со 1-0 ја совлада соодветната селекција на Англија и за првпат во својата историја го подигна шампионскиот пехар. Единствениот гол во 29-та минута го постигна Олга Кармона Гарсија.
Англичанките, кои патем се актуелни европски прваци, иако создадоа неколку зрели шанси, сепак не успеаја да дојдат до толку посакуваниот израмнувачки гол.
Во вторите 45 минути, Шпанија имаше можност да го зголеми водството на 2-0, но Џенифер Хермосо не успеа да го искористи досудениот пенал (поради играње со рака), англиската голманка Мери Ерпс успеа да го одбрани нејзиниот удар и да ја продолжи неизвесноста.
Шпанките се моментно шесторангирани на листата на ФИФА и официјално сега го изедначија успехот на нивните машки колеги, кои ја освоија светската круна во 2010 година на Мундијалот во Јужна Африка.
– Тешко е да се опише како се чувствувам. Во секој случај многу сум среќен, целиот тим го заслужи ова што го направивме тука. Радоста може да почне – кратко прокоментира селекторот на Шпанките, Хорке Вилда.
Третото место го освои репрезентацијата на Шведска, која ден претходно со 2-0 го совлада домаќинот Австралија во мечот што се одигра во Бризбејн.
Најуспешна репрезентација на мундијалите досега се САД, со четири први места (1991, 1999, 2015, 2019), а следува Германија со две (2003 и 2007), додека Норвешка (1995), Јапонија (2011) и Шпанија (2023) имаат по една освоена титула. Г.И.