Ценовни игри без граници

Државата преку своите ресорни министерства ќе мора да воспостави праведни услови за сите учесници во производството и прометот на храна. Но најважна улога во поттикнувањето на домашните фармери имаат трговските и преработувачките компании, кои ќе понудат и поправедна цена при откупот на пченицата, на градинарските и овошните и прехранбените производи. Со еден збор, трговците да покажат поголема општествена одговорност, а желбата за екстра профити да ја потиснат во втор план или да отстапат дел за непосредните производители. Во спротивно, неразумното билдање на цените на сметка на осиромашените потрошувачи може да им се врати негативно

„Од септември ново поскапување на лебот – ако не помогне државата“. Порачаа минатата недела македонските пекари и мелничари, со што ни најавија продолжување на социјално-економска сага во домашна трговско-пекарска копродукција, на која македонските потрошувачи беа изложени во изминатите две години. Во стилот на добар проследувач на геополитичките случувања, гласноговорникот на македонската пекарска индустрија во неколку реченици соопшти дека „високите цени на пченицата на светските берзи притискаат за пораст на цената на домашниот леб“. Пресметките се дека берзанските цени на пченицата ќе се зголемеле од 10 до 15 отсто, а маката да биде поголема, пораснале и млечните и месните производи, затоа што и овие продукти партиципираат во пекарската индустрија. Заклучокот би бил дека нѐ очекува ново поскапување на лебот и, секако, на бурекот, затоа што поскапеле и сирењето и меленото месо! Затоа, спасот за граѓаните да јадат поевтини пекарски производи „бил во рацете на државата, која треба да ги помогне пекарите“!
Приказните за цената на лебот се само еден мал сегмент од ценовните игри без граници на кои се изложени македонските потрошувачи за целиот период од појавата на корона-кризата, па до денес. Во образложението за континуираниот пораст на цените на прехранбените производи беа посочувани надворешните фактори, како, на пример, нарушениот синџир на снабдување, па потоа поскапувањето на „главните влезни“ трошоци во производството, односно скапата електрична енергија, гас и суровини. Притоа, константно беше префрлањето на „вината“ за високите цени: трговците се жалеа на производителите, производителите на земјоделците, земјоделците на трговците за поскапувањето… И сѐ така во круг. Досега никој од домашните трговци и производители не погледна во сопствениот двор за причините поради кои дојдовме во ваква состојба, од земја потенцијален извозник на храна да станеме целосно зависни од прескапиот увоз. Конечната сметка ја гледаме деновиве на прескапите производи на зелените пазари и на рафтовите од големите трговски маркети. Покрај високите цени, македонските потрошувачи се принудени да плаќаат и за понеквалитетни земјоделски и прехранбени производи.

А ако само малку посилно се загребе под површината, за причините за сегашното ценовно цунами врз македонскиот низок стандард, ќе се видат и главните внатрешни фактори за сегашната состојба во која се најде македонскиот потрошувач. Не треба преголеми економски анализи за да се види дека високата инфлација и високите цени во земјата значајно се должат и на „екстапрофитерските мотиви“ на трговците и преработувачите и отсуството на регулаторни лостови во економијата. Тие целата своја економија во сите изминати години ја сведоа на принципот „купи евтино и продај поскапо“, а сето тоа врз грбот и на сметка на македонскиот земјоделец. Но тие заборавија на еден многу важен момент, а тоа е дека самите си ја сечеа гранката на која седат. Со години го осиромашуваа македонскиот земјоделец и фармер, што на крајот резултира со намалување на откупот на млекото за седумдесет отсто, поради намалување на сточниот фонд. Затоа се доведовме во ситуација домашното сирење во моментот да го продаваат по цена од 500 денари за килограм, а со најавеното зголемување се очекува максималната цена да достигне и до 700 денари за килограм. Состојбата не е ништо подобра ни во македонското градинарство, а недостигот од домати, пиперки и кромид беше надоместуван од „финансиски алчни увозници и трговци“. Прашањето на кое треба прво да одговорат македонските мелничари и пекари е…, како може да поскапува цената на лебот, кога откупната цена на домашната пченица е далеку од производната реална цена од 19 денари. Или, зошто се повикуваат на цената на украинската пченица, кога во домашните амбари стои неоткупена пченица од ланската жетва, а истата состојба е и во Србија, од каде што се вршат најголемите набавки на лебно жито?

Приказните за цената на лебот се само еден мал сегмент од ценовните игри без граници на кои се изложени македонските потрошувачи за целиот период од појавата на корона-кризата, па до денес. Притоа, константно беше „жонглирањето со вината“ за високите цени: трговците се жалеа на производителите, производителите на земјоделците, земјоделците на трговците… за поскапувањето. И сѐ така во круг се префрлаше вината еден на друг. Досега никој од домашните трговци и производители не погледна во сопствениот двор за причините поради кои сите ние дојдовме во ваква состојба, од земја потенцијален извозник на храна да станеме целосно зависни од прескапиот увоз. Покрај високите цени, македонските потрошувачи се принудени да плаќаат и за понеквалитетни земјоделски и прехранбени производи

И сега каде е спасот од идното и неконтролирано поскапување на лебот, млекото и на земјоделските производи! Потребни се долгорочни стратегии за поттикнување на домашното земјоделско производство, кое ги амортизираше ценовните удари врз тенкиот стандард на граѓаните. Улогата на државата во ценовната стабилизација може да биде преку фискалната и монетарната политика, во која ќе се стимулираат директно земјоделците и фирмите, кои се насочени кон развој на модерно фармерско производство. Клучен фактор треба да биде привлекување на инвестициите во земјоделскиот сектор, преку грантови и ниски банкарски каматни стапки за набавка на репроматеријали и земјоделска опрема. Со низа социјални и финансиски олеснувања за вработување земјоделски работници ќе се надмине големиот недостиг од работници, поради што пропаѓаат многу сточарски фарми и овошни насади. Политиката на ограничување на маржите на прехранбените производи и на давањето субвенционирана струја на преработувачите на храна се покажаа како неефикасни и премногу нефлексибилни и некреативни административно-бирократски решенија. Државата преку своите ресорни министерства ќе мора да воспостави праведни и пазарни услови за сите учесници во производството и прометот на храна. Но најважна улога во поттикнувањето на домашните фармери имаат трговските и преработувачките компании што ќе понудат и поправедна цена при откупот на пченицата, градинарските и овошните и прехранбените производи. Со еден збор, трговците да покажат поголема општествена одговорност, а желбата за повисок профит да ја потиснат во втор план или да отстапат дел од профитот за непосредните производители. Во спротивно, ова разумно билдањето на цените на сметка на осиромашените потрошувачи може да им се врати негативно. Со вакво однесување процесот на отворање на македонскиот пазар и за други поконкурентни производители на храна ќе стане врвен приоритет. Поевтините производи во летната сезона во другите земји покажуваат дека домашните цени се пренадувани. Но има ли желба некој сигурно да го издиши овој ценовен балон!?