Тонсер е апликација и заедница што ги поттикнува младите играчи да го отклучат својот потенцијал. Апликацијата им нуди на играчите да го градат својот идентитет на играч, да снимаат перформанси, статистика и видео… Клубовите и скаутите ја користат платформата за да ги идентификуваат често потценетите играчи и фудбалери што не се во академија. Многу професионални играчи ја користеа апликацијата кога беа млади играчи, вклучувајќи ги Холанд, Линдстром…

Во јуни Саутемптон ќе одржи пробен настан во нивниот тренинг-центар, што ќе биде можност за неоткриени фудбалери на возраст меѓу 13 и 16 години да импресионираат и да добијат договор во нивната славна академија, пишува „Скај спорт“. Но овој конкретен пробен настан е необичен. Играчите не беа избрани од страна на сопствената скаутска мрежа на Саутемптон. Наместо тоа, тие се идентификувани преку апликација. Тонсер е најголемата апликација за фудбалери во светот, која ја користат повеќе од еден милион млади луѓе само во Франција, а сега пристигнува во англискиот фудбал.
Концептот е играчите да градат свој профил, да ги снимаат своите перформанси користејќи статистика и видео, вклучувајќи голови и асистенции, и да гласаат за најдобрите играчи по секој натпревар. Со текот на времето, се појавува слика од најсилните играчи во корисничката група. Тоа води кон кариери, пишува „Скај спорт“. Тонсер е апликација и заедница што ги поттикнува младите играчи да го отклучат својот потенцијал. Апликацијата им нуди на играчите универзум инспириран од Фудбал менаџер и ФИФА со способност да го градат својот идентитет на играч, да снимаат перформанси, статистика и видео и да се натпреваруваат со заедницата… На апликацијата, играчите можат да се квалификуваат за вистински можности како што се проби, развојни настани и настани на Тонсер јунајтед. Клубовите и скаутите ја користат платформата за да ги идентификуваат често потценетите играчи и фудбалери што не се во академија, преку податоци, видео и различни пробни настани. Повеќе од 1,6 милион тинејџери играчи имаат профил на апликацијата, еден милион од нив се сместени во Франција, а многу професионални играчи ја користеа апликацијата кога беа млади играчи, вклучувајќи ги Ерлинг Холанд, Јеспер Линдстром, Матијас Јенсен и Секу Мара токму од Саутемптон, пишува „Скај спорт“.

Основан во Данска во 2014 година, Тонсер ги имаше своите најзабележителни успеси во Франција, каде што се наоѓаат поголемиот дел од корисниците. Во 2021 година, тимот на Тонсер јунајтед, составен од неангажирани млади играчи избрани преку апликацијата, ремизира со ПСЖ за фудбалери до 15 години, а ги победи Фулам, Рен и Лил. Ја подвлече способноста на Тонсер да идентификува играчи со висок потенцијал, пишува „Скај спорт“. Расмус Анкерсен, извршен директор на „Спорт република“ и директор за фудбал во Саутемптон, е ентузијастички поборник за иновации. Тој не е сам. Сопственикот на Брентфорд, Метју Бенхам, сега е инвеститор. И играчот од средниот ред на пчелите, Кристијан Норгард. Оние во фудбалот инстинктивно ценат дека разликата помеѓу фудбалер од повеќе милиони фунти и младиот играч на игралиштето може да биде многу тенка. На младите играчи им требаат алтернативни можности, пишува „Скај спорт“. И покрај тоа, потребна е имагинација за да се верува дека апликацијата поттикната од нејзините корисници може да обезбеди увид што традиционалното скаутирање не може. Саутемптон сака да нагласи дека ова е додаток, а не замена.
Герет Хамер, менаџер во Саутемптон за регрутирање на возраст до 16 години, сака да ги ублажи очекувањата, но вели дека потенцијалот е возбудлив.
– Тоа е можност за нас да ги откриеме оние играчи што можеби сме ги пропуштиле со нашата сегашна скаутска структура или едноставно не сме ги виделе. Природно е дека нема да можете да видите некои играчи. Ова е начин да ги ставиме сите тие информации во наши раце наместо да се потпреме на некој што е таму. Претпоставувам дека тоа е моќта на социјалните мрежи. Добрите играчи знаат добри играчи. Се разбира, секогаш ќе има пристрасност. Ти си мој пријател, затоа гласаш за мене и јас ќе гласам за тебе. Не можеш да го избегнеш тоа. Но заедницата сама се коригира. Тие ќе речат, ова крило или оној лев бек, тој е најбрзиот играч што сум го видел. Тоа ќе ни помогне затоа што можеме да ја искористиме заедницата. Каде на друго место можете да го имате тоа – вели Хамер. Н.М.