Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандев речиси 20 сезони настапуваше за повеќе италијански клубови, а со Интер во 2010-та ја освои тројната круна, ЛШ, „скудетото“ и Купот на Италија

Горан Пандев (39), македонската фудбалска легенда, најави крај на активното играње фудбал, и тоа го прави со лесно срце. Спокоен е, задоволен од речиси блескавата кариера. Нема лош збор за никого, само благодарност.
– По дваесет години, а мојот најстар син има речиси 13 години и во текот на тие години честопати го гледав само во периодите на пауза помеѓу едно и друго првенство, сега сакам да уживам со семејството. Но сигурно и натаму ќе останам во фудбалот, бидејќи не знам да правам ништо друго. Цело лето не размислував за фудбал. Кога ќе се случи тоа, се опуштате, јадете и малку тренирате. Повеќе немам сили да тренирам – изјави, меѓу другото, Пандев во интервјуто за „Газета дело спорт“.

Пандев речиси 20 сезони настапуваше за повеќе италијански фудбалски тимови во Серија А и во Серија Б (Специја, Лацио, Интер, Наполи, Џенова, Парма). Со Интер во 2010 година ја освои тројната круна, Лигата на шампионите (ЛШ), „скудетото“ и Купот на Италија. За Македонија има одиграно 112 натпревари и постигнато 38 гола, од кои најзначаен, секако е оној против Грузија (1-0), за прв пласман на Македонија на финален турнир на Европското првенство (ЕП), лани. Л.Д.