ФУДБАЛ

Светското првенство (СП) во фудбал во Катар е сѐ поблиску, а со тоа зачестија прогнозите и предвидувањата за тоа која репрезентација ќе триумфира. Јоаким Клемент, стратег во лондонски „Либерум капитал“, чија секојдневна работа е анализа на берзата, ги погоди последните два светски шампиона, Германија во 2014 и Франција во 2018 година. Моделот на Клемент користи фактори како што се БДП по жител, бројот на населението и температурата во земјата и местото на ранг-листата на ФИФА. Но тој појаснува дека тие се променливи и објаснуваат само 45 отсто од варијациите во успехот, што значи дека 55 отсто отпаѓа на среќа.

Тој вели дека претстојното СП ќе биде различно, бидејќи ќе се одржи во средината, а не на крајот од сезоната. Друга разлика е и тоа што репрезентациите ќе немаат многу време за подготовки, што е минус за земјите како Шпанија и Германија, чија игра се базира врз тимската кохезија.

Кога станува збор за предвидувањето, за него Бразил не е фаворитот, туку Аргентина, која предводена од Лионел Меси ќе триумфира победувајќи ја Англија во финалето. Л.Д.