Фото: ЕПА

На ЕП еден фудбалер успешно ги реализирал слободните удари на две првенства, друг ги постигнал сите четири негови гола на ист датум, со разлика од четири години, а има и фудбалери што ја треселе мрежата на рекордни пет турнири, во две финалиња, пишува УЕФА

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (2)

Не многу фудбалери играле на две европски првенства (ЕП), а уште помалку има што постигнале барем еден гол на повеќе од еден од континенталните турнири. Покрај стрелците, на шампионатите, меѓу другите, се истакнувале и асистентите, еден успешно ги реализирал слободните удари на две ЕП, друг ги постигнал сите четири негови голови на ЕП на истиот датум, иако со разлика од четири години, а трет ја затресол мрежата на рекордни пет турнири, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). На седумдесетина дена до почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви претставуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите европски првенства.
ГОЛОВИ: Вкупно 61 играч постигнаа барем еден гол на повеќе од едно ЕП, а Кристијано Роналдо (Португалија) постигнуваше голови на пет европски првенства, и тоа два гола на ЕП 2004, еден во 2008 година, по три во 2012 и 2016 година и уште пет на ЕП 2020, со што се одвои од седум играчи што постигнале голови на три ЕП.
Роналдо постигна рекордни 14 гола на ЕП, на мечеви со седум репрезентации, и тоа со Грција, Холандија (по три), Чешка (два), Унгарија (четири), Велс, Германија и со Франција (по еден), пишува УЕФА. Мишел Платини (Франција) е најефикасниот на едно ЕП, откако постигна девет гола во 1984 година.
АСИСТЕНЦИИ: Кај асистентите на головите води Карел Поборски (Чешка) со осум, Кристијано Роналдо (Португалија) има седум, Дејвид Бекам (Англија), Бастијан Швајнштајгер (Германија), Арјен Робен (Холандија), Луис Фиго (Португалија), Сеск Фабрегас (Шпанија) и Еден Азар (Белгија) по пет, според статистиката на УЕФА.

НАГРАДИ: Некои од најголемите фудбалски имиња беа најдобри стрелци на европските првенства, но официјална награда за водечкиот стрелец немаше до ЕП 1996, кога Алан Ширер ја освои наградата на домашен терен. На претходните четири шампионати најдобри стрелци беа Давид Виља (Шпанија, на ЕП 2008, со четири гола, Фернандо Торес (Шпанија, на ЕП 2012 со три погодока), Антоан Гризман (Франција, на ЕП 2016 со шест гола) и Роналдо (Португалија, на ЕП 2020, со пет погодока).
ПЕНАЛИ, СЛОБОДНИ УДАРИ, ФИНАЛИЊА: Меѓу изведувачите на пенали, на две ЕП од белата точка погодија Алан Ширер (за Англија, против Холандија во 1996-та и со Романија во 2000-та) и Зинедин Зидан (за Франција, против Португалија во 2000 година и со Англија четири години подоцна). Двата пенала на Ширер беа направени со прекршок врз Пол Инс.
Зидан е и во уште една категорија, откако постигна голови од слободни удари на две континентални првенства, и тоа на дуелите со Шпанија на ЕП 2000 и со Англија на ЕП 2004. Единствен стрелец на погодок во две финалиња, пак, е Фернандо Торес (Шпанија, со Германија на ЕП 2008 и со Италија на ЕП 2012).
ФЕЛЕР ПОСТИГНА ЧЕТИРИ ГОЛА НА ИСТ ДАТУМ: Пет фудбалери постигнаа голови на ист датум на две различни првенства, и тоа на 10 јуни Сеск Фабрегас (за Шпанија на ЕП 2008 и 2012), на 13 јуни Робин ван Перси (Холандија во 2008-та и во 2012-та), на 14 јуни Фернандо Торес (Шпанија, на ЕП 2008 и 2012), на 17 јуни Руди Фелер (Западна Германија во 1984 и 1988 година) и на 19 јуни Владимир Шмицер (Чешка на ЕП 1996 и 2004 година), пишува УЕФА. Сите четири гола Фелер на ЕП ги постигна на 17 јуни. Н.М.


До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства

Идната недела: Паненка