Се покажа дека освен лошиот имиџ што се креира за државава надвор, ефектот од зголеменото присуство на набљудувачи за време на изборите и на некакви ад хок тела (со единствена цел да се спречат изборни нерегуларности и злоупотреби) е никаков! Поточно, таквите тела досега ниту спречиле изборни нерегуларности, а уште помалку превенирале, ниту пак некој бил казнет за некои поведенија од таа област. Тогаш, зошто сосила си креираме лош демократски имиџ и наметнуваме перцепции за нас во светот дека не можеме да изградиме функционални институции и држава?

За некого првоаприлска шега, за нас реалност

Денес е Светскиот ден на шегата, така што по малку е комично по три и кусур децении самостојност, на Македонија сѐ уште да ѝ се потребни тутори над главата што ќе набљудуваат дали земјава е способна да организира едни нормални, фер и демократски избори.
Имено, извесна доза на трагикомедија имаат последните најави на Јавното обвинителство, на Советот на Европа, како и на ОБСЕ-ОДИХР за формирање некакви специјални привремени комисии, за зголемено присуство на набљудувачи за време на изборите и за некакви ад хок тела со единствена цел да се спречат изборни нерегуларности и злоупотреби.
Од друга страна, ваквите најави во пресрет на изборите кај граѓаните создаваат извесно чувство на несигурност, на страв, дека изборниот ден наместо празник на демократијата, всушност се претвора во безбедносна операција од највисок ризик.
Дополнително, се покажа дека освен лошиот имиџ што се креира за државава надвор, ефектот на ваквите тела е никаков, поточно ниту се спречиле изборни нерегуларности, ниту предизвикувачите биле казнети за таквите постапки.

Еден куп комисии, тела, набљудувачи и мерки за обични избори

За некој ден официјално почнува кампањата за претседателските избори, а веќе се одржа координативна средба во Владата на која беше најавено дејствувањето на привремена комисија во рамките на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава 16 – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Понатаму, изборите во земјава ќе ги мониторира и ад хок комисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Оваа комисија ќе ги следи изборните процеси со 22 пратеника, кои ќе бидат присутни во државата на денот на гласањето и на 24 април и на 8 мај, а нивниот извештај ќе биде презентиран во текот на јунската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
И мисијата на ОБСЕ-ОДИХР ќе биде со зголемен број на набљудувачи, поточно 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе ги набљудуваат претседателските и парламентарните избори во Македонија на 24 април и на 8 мај.
Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени низ земјава од 27 април, во тимови по двајца, во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип. Во Скопје ќе има два тима. Краткорочните набљудувачи ќе пристигнат пред изборите. Тие ќе ги набљудуваат избирачките места на денот на гласањето и пребројувањето и сумирањето на гласовите. Зголемениот број на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за процена на потребите по реализираната посета во јануари годинава.
Несомнено, се мобилизираат многу тела за мониторирање на претстојните избори, кои и досега беа присутни за време на претходните изборни процеси, но она што недвосмислено може да се констатира, тоа е дека нивниот ефект е речиси никаков. Само се констатираат разни помали или поголеми изборни нерегуларности, но сторителите остануваат неказнети и, што е уште полошо, истите ликови и натаму помалку или повеќе учествуваат на секои следни избори, без никакви консеквенции или ограничувања. Македонската јавност сведочеше на неколку започнати процеси за изборни нерегуларности, кои најчесто завршуваа без некаков епилог, така што неажурноста и непостапувањето на ваквите комисии и тела, всушност, само дополнително мотивираат изборни нерегуларности, оти очигледно институционалната нефункционалност само им оди во прилог на оние што сакаат на нечесен начин да се доберат до подобар изборен резултат. Едно е јасно, од ваквите комисии и тела граѓаните досега не видоа никаков ефект, така што легитимно е прашањето зошто непотребно се трошат народните пари на паралелни комисии, на ад хок тела и слично за следење на изборите, кога Македонија како држава членка на НАТО и претендент за членство во Унијата мора да има институционален капацитет да организира фер и демократски избори и без дополнителни тела и засилени надворешни мисии.

Дали се формираат вакви тела и во високоразвиени земји?

И додека кај нас двојните избори ќе ги мониторираат засилени мисии на Парламентарното собрание на Советот на Европа, како и на ОБСЕ-ОДИХР, во развиените демократски земји тоа не е случај, бидејќи довербата во тамошните институции е до тоа ниво што ваквите мисии обично се сведуваат на обично куртоазно присуство во земја членка на ОБСЕ или на Советот на Европа.
Од друга страна, во Македонија, но и во дел од земјите од Западен Балкан, надворешното мониторирање не само што е засилено туку е поставено така што небаре станува збор за конфликтни подрачја во кои се одвиваат воени дејства. Со други зборови, ваквите дополнителни тела и засилени меѓународни тимови говорат дека Македонија и земјите од соседството всушност се недоволно демократски созреани, односно странците се сомневаат дека земјата има капацитет да организира фер и демократски изборен процес преку кој вистински ќе биде отсликана граѓанската волја.
Клучното прашање е дали нешто е направено во таа насока, односно дали со засиленото присуство кои било избори досега поминале мазно или, пак, изборните нерегуларности се подзатскриваа под чергиче во нашминканите извештаи на сите тие комисии и тела, само колку земјата „да не си ја расипе оценката“. Повеќе од очигледно е дека досегашниот ефект е никаков, бидејќи ако досега имаше некакви резултати од нивната превентивна мисија, тогаш логично ќе беше набљудувачките комисии и тела од избори во избори да се намалуваат наместо да се зголемуваат. Зголемувањето говори дека целта не е постигната, односно дека земјава и натаму е високоризичен партнер пред секои избори.

Непотребно трошење буџетски средства и народни пари

Привремената комисија во Јавното обвинителство што ќе ги мониторира изборите, како и претходните домашни ад хок тела и комисии, работи за пари, така што државата ќе мора да одвои дополнителни средства, односно народни пари, за нејзиното работење. Од досегашните искуства произлегува дека дебело се плаќаат тие комисии, а ефектот е никаков.
– Повеќе од 30 години едни избори во државава не поминаа како што треба. Имаше случаи да се изгубат и човечки животи за време на изборен процес. За среќа, сега нема такви случаи, но ова што и натаму пред секои избори се формираат разни привремени комисии, поткомисии, разни тела, ад хок тела, сето ова создава едно чувство на несигурност кај граѓаните, дека државата се плаши од некакви инциденти, па затоа најавува засилен институционален одговор. Сето тоа создава само дополнителна несигурност кај народот. Штом толку паралелни тела за контрола се формираат пред изборите, тоа значи дека нешто не е во ред. Ако на тоа се придодадат и надворешните засилени мисии, онаа на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на ОБСЕ, тогаш граѓаните со право се прашуваат каква држава е Македонија кога и по три децении не може изборите да ги организира да бидат вистински празник на демократијата. Вака, како сите да се подготвуваат за излез на бојно поле, а не на избори – велат повеќе аналитичари со кои разговаравме околу претстојните изборни процеси во земјава и активностите што се преземаат во пресрет на изборите.
Несомнено, со зголемувањето на набљудувачките мисии се остава исклучително лош имиџ за земјава во меѓународни рамки, како држава што мора да биде под засилен мониторинг пред секои избори.
– Сите овие мисии, тела, комисии создаваат само лош имиџ за државата, која е членка на НАТО и која претендира да стане членка на ЕУ. Како ќе преговараме утре со ЕУ ако едни избори не сме способни да организираме како што треба? Дали Брисел ќе ни стави вето само затоа што немаме демократски капацитет да организираме избори? Владеењето на правото е дел од копенхашките критериуми, на кои и самите инсистираме, а од друга страна за изборите ни се потребни еден куп тела што ќе го набљудуваат изборниот процес. Едно треба да ни биде јасно, ЕУ не сака да увезува проблематични држави и проблеми внатре, впрочем тоа и самите ни го кажаа, така што прашањето е кој ќе ни биде виновен утре, кога ќе се соочиме со ново вето? Ако институциите досега си ја работеа работата, ако ги санкционираа сторителите на изборни нерегуларности, сега немаше да имаме дополнителни набљудувачки тела, туку ќе расправавме за изборни програми, која партија е подобра во економијата, која во здравството, која во екологијата, ќе се водеше една разумна предизборна дебата на соочување на проекти и идеи, а не дали изборите ќе поминат мирно или ќе има инциденти – посочуваат аналитичарите.

Најдобриот мониторинг го прават граѓаните

Како и да е, пресвртот треба да се случи на овие избори така што граѓаните ќе ги стават под лупа сите тие новоформирани привремени тела, како во ЈО, така и во другите институции, да дадат отчет што сработиле и дали превенирале некакви изборни нерегуларности. Во спротивно, треба да го вратат секој денар што го потрошиле, исто онака како што ЕУ неодамна ги побара од Македонија проневерените пари назад. Граѓаните, во рамките на нивните можности и надлежности, имаат право да го побараат тоа, наместо само да бидат неми сведоци на трошењето на нивните пари од тела што немаше никогаш да постојат ако државата имаше ефикасни институции и вистинско владеење на правото.
Дополнително, граѓаните треба да ја мониторираат работат на сите тие тела, за да не се создава непотребно лош имиџ за државата, односно да доаѓаат тука пред секои избори и да си заминуваат без конкретни резултати од нивното дејствување.
– Недозволиво е да се прави лош имиџ на земјава надвор и тоа да се дозволува, туку, напротив, мора да бараме ефикасност од сите тела и да ги контролираме колку што можеме. Ако веќе дошле тука да ги контролираат изборите, тогаш нека ги санкционираат сите сторители на евентуални изборни манипулации, нека ги кажат со име и презиме, тоа да има ефект, а не само да дојдат и да си заминат, а лошиот впечаток и натаму да си остане. Вака само се застрашуваат граѓаните, се чувствуваат несигурно, а тие не прават ништо. Тоа мора да прекине – категорични се соговорниците.