Тој досега има дадено 185 гола во Премиер-лигата, најмногу кога станува збор за играње само во еден клуб, и е четврти на листата на најдобрите стрелци зад Алан Ширер (260), Вејн Руни (208) и Енди Кол (187 гола)

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Тотенхем го совлада Вулверхемптон, со 1-0, во третото премиерлигашко коло, со голот на Хари Кејн, за него 250-ти во дресот на тимот од северен Лондон во сите натпреварувања. Тој има дадено 185 гола во Премиер-лигата (еден повеќе од Серхио Агуеро), најмногу кога станува збор за играње само во еден клуб, и е четврти на листата на најдобрите стрелци во ова натпреварување, кое годинава одбележува 30 години, зад Алан Ширер (260), Вејн Руни (208) и Енди Кол (187 гола). Поранешниот напаѓач на Блекбурн и на Њукасл, Алан Ширер, се пензионира на 35 години во 2006 година, што значи дека Кејн, кој има само 29 години, ќе треба во просек да постигнува помалку од 13 гола по сезона за да го надмине Ширер, се разбира доколку игра фудбал до таа возраст.
– Мислам дека Хари ќе го надмине рекордот на Алан. Тој постигнува различни типови голови, одличен играч е и многу сме среќни што го имаме во земјава – вели Џо Кол, поранешен репрезентативец на Англија и на Челси.
Кејн моментално се наоѓа на второто место на листата на најдобри стрелци на сите времиња на Англија со 50 гола, откако го мина Боби Чарлтон (49) во јуни. Само Вејн Руни има постигнато повеќе голови, 53, но доколку Кејн го задржи сегашното ниво на постигнување голови на меѓународна сцена, веројатно ќе го надмине Руни, поранешниот играч на Евертон и на Манчестер јунајтед, на финалниот турнир на Светското првенство (СП) 2022 година во Катар.

Ниту еден играч нема постигнато повеќе голови за Англија на големите турнири од Кејн (10), колку и Гари Линекер. Кејн, исто така, има дадено само 16 гола помалку од клупскиот рекордер Џими Гривс (266), иако има одиграно 10 меча повеќе од легендарниот поранешен англиски напаѓач. Но иако и тој рекорд најверојатно ќе биде соборен сезонава, тој сè уште заостанува 35 гола зад Гривс во натпреварите во најсилната англиска лига. Кејн би требало уште еднаш да биде најдобар стрелец во Премиер-лигата за да се израмни со Тиери Анри од Арсенал, кој четири пати ја освојуваше „златната копачка“.
Но и покрај ефикасноста на Кејн, кој е водечки стрелец на клубот во сите натпреварувања во последните осум сезони, трофеите го одбегнуваа Тотенхем. Нивниот најдобар пласман во Премиер-лигата беше во сезоната 2016/2017 кога беа вицешампиони, зад Челси, а две години подоцна беа поразени во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) од Ливерпул. Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, вели дека Кејн сигурно би ги заменил рекордите со победнички медали.
– Знам дека Хари би ги заменил личните достигнувања за трофеј и тој работи многу напорно за такво нешто. Зборуваме за напаѓач од светска класа, но она што ме прави среќен не е само што имаме најдобар стрелец туку и што имаме играч што многу работи за тимот – вели Конте. Л.Д.