Заборски со македонскиот тим во борби што го освои златниот медал на Универзијадата во Полска, годинава

Заборски уште од млади години почувствува оти каратето ќе биде неговиот спорт, во кој ќе може да ги истакне сите свои квалитети како тренер и натпреварувач. Откако заврши неговата кариера како активен каратист, тој стана тренер и селектор, чии пулени освоија мноштво медали на домашната и на меѓународната сцена

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (244) Бошко Заборски (2)

Ако се бара некој меѓу тренерите што има освоено голем број медали, секако треба да се отворат архивите на карате-спортот. Тука веднаш ќе се види дека македонските учители во овој далекуисточен спорт, кој не е само спорт туку и вештина, имаат предност пред другите спортски педагози. Станува збор за двајца тренери за кои може да се каже оти каратето им е семеен спорт, зашто и членовите од нивните семејства се инволвирани во него. Едниот е Венцислав Недев, кој со своите спортисти, особено во традиционалното карате меѓу кои се двата сина и ќерката, бранејќи ги боите на Работнички и на македонската репрезентација, освои медали што не може да се избројат. Вториот е Бошко Заборски, кој исто така со свои каратисти, меѓу кои ќерката и синот – членови на КК Макпетрол, потоа и на националните селекции во сите возрасни категории во машка и во женска конкуренција, како и со студентите што нѐ претставуваа на универзијадите, освои безброј медали. За него може да се каже дека е вистински жнеач на медали!
Заборски, чија физичка конституција додека беше активен каратист најмногу одговараше за настап во најтешката и апсолутната категорија, долг период во Македонија немаше достоен противник. Во кариерата имаше многу борби на домашна и на меѓународна сцена, за кои веќе пишував. Меѓутоа, во карате-историјата ќе биде запишан како член на македонскиот репрезентативен состав на Светското првенство во Гранада (Шпанија), каде што за првпат по осамостојувањето настапивме под знамето на својата држава.
– Иако дебитиравме како репрезентација на Македонија, не се обрукавме. Напротив, оставивме одличен впечаток, што беше потврда дека во нашата средина каратето веќе има фатено длабоки корени. Во Гранада на почетокот од шампионатот најавивме дека нема да бидеме нималку лесен противник. Со многу поискусната репрезентација на Чешка загубивме минимално со 2-3, што беше сигнал за другите дека треба да стравуваат од нас. На крајот бевме шести, што за еден дебитантски настап беше повеќе и од она што го очекувавме. Но кога се осиливме и видовме дека може да бидеме рамноправен ривал дури и за поискусните селекции кај нас, како по некое непишано правило почнаа кавгите. Настана една борба за власт во Карате-федерацијата на Македонија, па така, во наредниот период наместо да се насочиме кон постигнување резултати на меѓународната сцена, оти навистина имавме талентирани и квалитетни каратисти, ние битките наместо да ги војуваме на татамите, почнавме да ги војуваме во административните простории меѓу себе! Минаа неколку години, загубивме повеќе генерации, а кога конечно видовме дека вака не оди, дојде до помирување. И денеска не ми е јасно зошто некои „моќници“ тврдоглаво се бореа за власт, притоа не водејќи сметка дека поради меѓусебните пресметки само губиме. Во тој период на кавги и расправии загубивме многу талентирани момчиња и девојки. Дури по неколку години, а тоа беше во првата декада од овој век, работите се смирија и сѐ почна да тече нормално – се сеќава на тој несреќен период за македонското карате Бошко Заборски.

КАРАТЕТО ПОВТОРНО ЗАЖИВЕА

Меѓутоа и покрај големите расправии на двете страни, за среќа, каратето продолжи да вирее. И не само тоа, во тој период иако немавме некои посебни резултати, сепак поради големото интересирање за овој спорт меѓу младите, во повеќе градови во државата беа формирани повеќе клубови. Тоа и покрај наталожените проблеми како да даваше искра надеж дека ќе може да продолжиме онаму каде што застанавме. Клубовите, за среќа, развија голема активност, а рапидно се зголеми и бројот на активните каратисти од пионери до сениори. Каратето повторно заживеа…
– Еден од тие новоформирани клубови беше и Макпетрол, кој и денеска како да е мој втор дом. Јас и група ентузијасти поддржани од големата компанија „Макпетрол“, на чие чело беше Андреа Јосифовски, во 1997 година на денот на мојот роденден, 5 март, го формиравме карате-клубот, кој уште во првите години почна да бележи добри резултати. Како резултат на моите ангажмани и успесите што ги постигнував со моите каратисти во 2000 година, бев назначен за селектор на младинската репрезентација на Македонија, во која мој помошник беше Мирче Јанушевски – се присетува Заборски.
Работата на тандемот Заборски – Јанушевски набрзо дојде до полн израз. Имено, во 2001 година на Светското младинско првенство (СП) во Атина двајца македонски репрезентативци, Горан Митровски и Сашко Арсовски, освоија бронзени медали.
– Чувството беше извонредно, сите ја поделивме големата радост и знаевме оти и натаму ќе има вакви резултати. Но спротивставените страни во КФМ и натаму не мируваа, па требаше да чекаме неколку години за повторно да освоиме медали на големите спортски приредби. А тоа се случи во 2007 година, кога во Естонија на ЕП, Иван Цветановски освои сребрен, а Сашко Арсовски бронзен медал. Овие медали повторно внесоа ведрина во карате-спортот, за веќе во следните години да созрее една генерација од која на секој голем спортски настан очекувавме медали. Покрај веќе споменатите каратисти, со своите успешни резултати почна да се наметнува една квалитетна генерација предводена од Наташа Илиевска, која беше победничка и во генералниот пласман во Светската лига, беше прва и на ЕП во Цирих, а претходно го освои второто место на ЕП во Загреб. Потоа беа освојувани медали од Сашко и од Жарко Арсовски, Огнен Груевски, Иво Цветковски, Мартин Несторовски и од Ардита Исени, кои беа ударната сила на македонското карате. Треба да споменам дека покрај Илиевска, во Светската лига победници во генералниот пласман беа уште Симон Антиќ и Жарко Арсовски. Двајцата потврдија дека се многу квалитетни каратисти и успеваа константно на високо ниво да ја одржуваат својата форма – вели Заборски.
Семејството Заборски, пак, покрај тоа што го даде трофејниот тренер има и два активни учесника во карате-натпреварите. Ќерката Симона Заборска беше трета на сениорското ЕП во Баку, екипно беше трета и на СП, а од Европската универзијада во Загреб се врати со две сребра. Нејзиниот брат Петар беше втор на ЕП во Цирих, трет на ЕП (до 23 години) во Софија, а на европските универзијади има две први места, во Куимбра (Португалија) и неодамна во Лоѓ (Полска), а беше втор во Загреб.

МЕДАЛИТЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБРОЈАТ!

Има уште многу медали, успеси, радости. Тешко дека сето тоа може да се напише во две продолженија. Меѓутоа, интересно е да се каже дека на првенствата на Македонија во сите категории, од најмладите до сениорите во машка и во женска конкуренција со каратистите на Макпетрол, Заборски како главен тренер во клубот има освоено верувале или не, дури 350 златни медали! На ова, кога ќе се додадат и медалите за вторите и третите места, бројот ќе биде и двојно поголем.
Во тренерската кариера под палката на Бошко Заборски произлегоа и дури осуммина од вкупно 12-те каратисти од светска класа, рангирани според критериумите на Агенцијата за млади и спорт на Македонија (АМС). Тоа е уште еден показател за неговите тренерски и селекторски квалитети. Има уште нешто што е потврда за сето она што го напишав за познатиот стручњак, а тоа е дека од АМС има добиено дури 11 „оскари“ на популарноста. Сето ова зборува за каква спортска, во случајов карате-личност станува збор. Нема сомнение дека неговиот опус ќе биде збогатен со нови остварувања, оти тој е човек што не мирува и секогаш тежнее кон нешто ново. Колку е амбициозен во својата работа потврдува и фактот што Заборски не се задоволи само со дипломата од Природно-математичкиот факултет и Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, туку на овој факултет магистрира, а потоа и докторира. Во неговата докторска дисертација се осврнува на тоа – што треба да има во себе еден врвен каратист, набљудувајќи ги неговите перформанси, како од физички така и од психолошки аспект.
– Во докторската дисертација го обработувам и делот што сметам дека е неопходен за секој каратист, а тоа е моќта тој да ги сублимира сите добри страни и од другите спортови. Потоа го третирам начинот на изведувањето на современиот тренинг, во кој посебен акцент се става не само на техничко-тактичкиот дел туку и на физичката подготовка, која многу придонесува да се избегнуваат повредите – објаснува Заборски.
Со еден збор, тоа претставува еден труд, кој може да биде од голема корист за тренерите, особено за оние помладите, кои допрва запливуваат во тренерските води. Тие треба да ги користат неговите искуства, зашто не само што е докажан туку е и еден од најтрофејните тренери во Македонија, па и пошироко во земјите од регионот и Европа.
– Јас сум горд на моите постигнувања во сферата на карате-спортот и воопшто во животот. Создадов и сѐ уште создавам врвни каратисти, кои ја пренесуваат славата на Македонија на сите светски меридијани. Нема да биде нескромно ако кажам дека ние сме вистински амбасадори на нашата држава – рече на крајот д-р Бошко Заборски.