Тимот игра во неверојатно висока линија, последните играчи од одбраната се
речиси на центарот од игралиштето, односно сите десет играчи на теренот, како целина, го туркаат противничкиот тим кон неговиот гол

ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (6)

Фудбалската „гегенпресинг“ или „контра висок пресинг“ е тактичка игра што ја популаризира актуелниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, уште од неговите денови во германските клубови Мајнц и Борусија Дортмунд, но и многу други тренери.
– Најдобриот момент за освојување на топката е веднаш откако вашиот тим ќе ја загуби. Противничкиот играч сѐ уште бара каде и кому ќе ја додаде топката, за што му е потребна дополнителна енергија. Тоа го прави ранлив – изјави во една пригода Клоп.
„Гегенпресингот“ се заснова врз идејата за притисок врз противникот и принудување на грешка веднаш штом ја освоил топката. Иако „пресингот“ како тактика се практикува уште од „тоталниот“ фудбал во 70-тите години на 20 век, некои менаџери на различни начини го користеа за различни цели. Легендарниот италијански тренер Ариго Саки го користеше пресингот во Милан во доцните 80-ти. Пеп Гвардиола е исто така познат по тоа што ја користи оваа техника, комбинирана со голем посед на топката. Клоп, пак, ја користи идејата за пресинг како напаѓачка тактика, притискајќи го постојано противникот за да го принуди на грешка. Техниката вклучува играчи што се движат во потесен простор, користат кратки додавања, така што ако ја загубат топката, можат веднаш да ја вратат назад.
Во суштина, високиот пресинг значи дека што повисоко на теренот ја освоите топката, толку е пократко растојанието што треба да го поминете за да се најдете во позиција за постигнување гол. Тоа значи дека тимот игра во неверојатно висока линија, последните играчи од одбраната се речиси на центарот од игралиштето, односно сите десет играчи на теренот, како целина, го туркаат противничкиот тим кон неговиот гол. Одбраната започнува високо на теренот, речиси пред голот на ривалот, во миговите кога голманот се обидува да комбинира со последните играчи од одбраната или со играчите од средниот ред.
Позицијата на напаѓачите е клучна. Ако е позициониран совршено, противничкиот централен бек или ќе треба да шутне долга топка до напаѓачот, да додаде до блискиот бек или да му ја врати топката на голманот. Ако се обиде да ја префрли играта на другата страна, обично нема време да погледне, што може да доведе до погрешно додавање. Крилните играчи, пак, остануваат блиску до бековите. Во моментот кога тие ќе ја примат топката, крилниот напаѓач ги притиска. Офанзивниот играч за врска или бекот може исто така да притисне на таа страна за да создаде вишок играч. Високиот пресинг бара многу тренинг и свесност за тоа како играат соиграчите.
Најважниот дел што треба да се има предвид овде е дека играчите од средниот ред и одбранбените играчи имаат само секунда или две пред да го направат вистинското додавање. Важна фаза на средниот ред е и организацијата. Кога тимот ќе ја губи топката, тие жестоко притискаат за да ја вратат назад. Меѓутоа, ако противниците ја задржат топката десетина секунди, тие брзо се враќаат во стандардната формација. Ако одбраната остане длабоко на својата половина, а напаѓачите притискаат напред, тогаш ќе има многу простор во средината на теренот. Барселона под водство на Гвардиола применуваше правило од шест секунди. Најблиските двајца-тројца играчи притискаат за да ја вратат топката, додека остатокот од тимот се прегрупира.
Тимската формација е 4-2-3-1 (најкористена во денешно време), но и 4-3-3 со тоа што офанзивниот играч за врска се враќа поназад. Таквата пресинг-игра има добри и лоши страни. Прво, секој од играчите треба да ги извршува своите задачи додека неговиот тим не е во посед на топката. Бидејќи тоа бара од играчите постојано да бидат подготвени и едвај имаат малку време да здивнат, издржливоста исто така станува еден од клучните аспекти во спроведувањето на овој вид на игра. Во овој контекст се наведуваат неколку работи, како што се заморот на играчите поради високиот интензитет на игра, неуиграноста, како и играње против силен клуб што може да се справи со таквиот пресинг. Л.Д.

(продолжува)