На 19 јули 1919 година на Тур де Франс прв жолтата маичка ја облекол Французинот Ежен Кристоф. Годинава Тур де Франс ќе одбележи еден век од воведувањето на престижната маичка за водечкиот во генералниот пласман на трката, која, пак, на некои трки е во друга боја

В сабота од Брисел ќе почне 106-та легендарна велосипедска трка Тур де Франс (завршува на 28 јули во Париз) во чест на Еди Меркс и по повод 50- годишнината од неговата прва победа. Меѓу новитетите и интересните случувања е тоа што годинашната трка ќе биде во знакот на 100-те години од воведувањето на жолтата маичка, едно од најпознатите парчиња спортска облека во светот, заштитниот знак на Тур де Франс.

Жолтата маичка на Тур де Франс првпат ја облекол Французинот Ежен Кристоф, на 19 јули 1919 година, во 11-та етапа, од Гренобл до Женева. На првата трка по Првата светска војна, речиси сите велосипедисти носеле идентични, сиви маички, па новинарите и гледачите што ја следеле трката му се пожалиле на директорот Анри Десгранж, дека не можат да ги препознаат лидерот и другите возачи. Постојат неколку верзии зашто е одбрана токму жолтата боја, од тоа дека тоа е случаен избор, односно затоа што во најблиската продавница имало маичка само со таква боја, па до верзијата дека жолтата боја е избрана поради весникот „Л’ауто“, организаторот на трката, чии страници биле жолти.

Првиот велосипедист што ја имал честа да ја облече, Кристоф, воопшто не бил задоволен, бидејќи бил исмеван и нарекуван „канаринец“. На таа трка Кристоф бил во убедливо водство во генералниот поредок (со предност од 30 минути), до претпоследната етапа. Тогаш му случила голема незгода, му се скршила виљушката поради што загубил 2,30 часа при замената, а сето тоа значело и губење на првото место. Тој во период од 20 години настапил на 11 трки на Тур де Франс, а во 1913-та, во слична победничка ситуација, имал ист проблем како и во 1919-та, кога морал на пешачи 10 км.

Како и да е, велосипедистите, оние најдобрите, кои ја имале привилегијата да ја носат таа маичка во наредните 100 години, сега ќе ја имаат честа нивните ликови да се најдат на уникатните жолти маички на некои од етапите на кои победувале. Според тоа, в сабота навечер, на 6 јули, по првата етапа, најверојатно некој спринтер ќе ја облече жолтата маичка со Атомиумот на неа, симболот на Брисел. Водечкиот пред последната етапа и речиси сигурен победник на 106-то издание на Тур, на Елисејските Полиња ќе биде облечен во маичката на која ќе се наоѓа Триумфалната порта, која ја симболизира победата.
Францускиот производител на спортска опрема „Ле кок спортиф“ изработи 20 специјални жолти маички, на кои ќе се наоѓаат ликовите на Бернар Ино, Еди Меркс, Жак Анкетил и Мигуел Индураин, кои по пет пати победувале на Тур, а ќе има маички и со други мотиви, пред сѐ од Алпите.

Реплики на маичките ќе можат да се купуваат во продавниците и ќе содржат три елементи: Атомиумот, планински пејзажи и Триумфалната порта.
По воведувањето на жолта маичка на Тур де Франс, наскоро и другите трки воведоа маичка за водечкиот, но некои во друга боја. Така, на Џиро д’Италија водечкиот носи розова маичка, на Вуелта црвена итн.