По повод 70 години од создавањето на Народна Република Кина, министерот за култура, Хусни Исмаили, денеска во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје присуствуваше и се обрати на отворањето на изложбата на фотографии „Кина во моите очи“.

Министерот Исмаили во своето обраќање пред присутните упати честитки до амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Ли Шјен, по повод големиот и значаен јубилеј. Тој истакна дека македонската јавност секогаш со возбуда ги следи културните содржини кои доаѓаат од НР Кина и изрази надеж дека и во иднина ќе се реализираат уште многу вакви настани кои ќе придонесат за подобро запознавање и зближување со културата на оваа за нас пријателска земја.

Исмаили додаде дека изложбата, на која низ фотографии се доловени природните убавини и урбаните знаменитости на Народна Република Кина, е само уште една потврда за длабоките врски меѓу двете земји на кои посветено се работи и преку Координативниот центар за соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ и од особено значење е токму развојот на културната соработка меѓу земјите од оваа иницијатива.

Изложбата на фотографии „Кина во моите очи“, која е во организација на Aмбасадата на НР Кина во Република Македонија и Град Скопје, ќе биде отворена до 7 јули.