Здрава храна

Една неодамнешна студија покажува дека јадењето јаткасти плодови може да има изненадувачки придобивки за нашето ментално здравје, пренесува „Њујорк пост“.
Истражувањето, чии резултати беа објавени во списанието „Клиникал нутришн“, покажа дека јадењето јаткасти плодови секој ден може да помогне да се намали ризикот од депресија кај возрасните.
– Нашите наоди истакнуваат уште една придобивка од консумирањето јаткасти плодови, со 17 отсто помал ризик од депресија. Ова дава уште посилно образложение за луѓето да станат ентузијасти за консумирање јаткасти плодови – вели водечкиот автор на студијата Бруно Бицозеро-Перони од универзитетот „Кастиља-Ла Манча“ во Шпанија.
Студијата опфатила повеќе од 13.500 лица во Велика Британија на возраст од 37 до 73 години на кои не им била дијагностицирана депресија на почетокот на истражувањето. Евидентирана е целата консумација на јаткасти плодови, вклучувајќи несолени јаткасти плодови како бадеми, индиски ореви и ф’стаци, солени ореви, печени ореви и кикиритки.
– Оваа студија ја анализираше тесната поврзаност помеѓу консумирањето јаткасти плодови и ризикот од депресија кај голем примерок од средовечни и постари возрасни лица во Велика Британија – велат авторите.
Истражувачите ги испитувале податоците на учесниците во текот на пет години, а на осум проценти од испитаниците им била дијагностицирана депресија во тој период.
Студијата покажа дека ниската до умерена консумација на јаткасти плодови, што е еквивалентно на дневна порција од 30 грама, е поврзана со 17 отсто намалување на ризикот од депресија во споредба со учесниците што не јаделе јаткасти плодови. Овие наоди останаа вистинити дури и по контролата на животниот стил и здравствените фактори, а истражувачите забележаа дека антиинфламаторното и антиоксидативното дејство на јаткастите плодови врз мозокот може да биде причина за овие резултати.