Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ почна со програмата „Зимски Македокс“, со која онлајн се прикажуваат победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа „Док араунд Јуроп“. Како нова иницијатива, програмата се лансира со цел да го зголеми интересот за онлајн гледање креативни документарни филмови.
Наградените документарни филмови на четири европски фестивали може бесплатно да се гледаат 30 дена на „ГлејТВ“, заклучно со 20 јануари. Пристапот до филмовите е возможен без активна претплата на платформата.
Достапни за онлајн гледање се документарните филмови „Ќерките на Зухур“ (2021, Германија) во режија на Лауренција Генске и Робин Хумболт (победник на „ДОК.фест Минхен“), „Господарките на шумата“ (2021, Франција) во режија на Клаус Дрексел (победник на „ФИПАдок“), „Тајната на доктор Гринбер“ (2020, Шпанија) во режија на Ида Куеља (победник на „ДоксБарселона“) и „Дида“ (2021, Швајцарија) во режија на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ (победник на „Македокс“).
Основачи на мрежата на фестивали на документарни филмови „Док араунд Јуроп“ се „ДОК.фест Минхен“ (Германија), „ФИПАдок“ (Франција), „ДоксБарселона“ (Шпанија) и „Македокс“ (Северна Македонија), а годинава на мрежата се приклучи и фестивалот „Верзио“ (Унгарија).