Со композиции од македонски автори, Благој Тодоров ја претстави Македонија во Макарска

„Заедно“ – средба на најдобрите ученици од музичките училишта во земјите од регионот во Хрватска

Благој Тодоров, заедно со најдобрите ученици од музичките училишта од земјите од бивша Југославија, успешно ја претстави Македонија на концертот по повод Денот на градот Макарска, Република Хрватска, кој се одржа на 24 октомври, под мотото „Заедно“. И подадените раце што се ракуваат нацртани на постерот за овој музички настан, уште еднаш ја потврдија добрата соработка на музичките училишта од регионот, кои во минатото беа дел од една држава, а денес преку музиката успешно ги бришат границите.
Благој има само 10 години и го изучува инструментот пијано во класата на професорката Ивана Јанаќиева во ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци. Освен од кавадаречкото, на концертот имаше претставници и од музичкото училиште од Будва, Црна Гора, Средното музичко училиште од Сараево, Босна и Херцеговина, и од Конзерваториумот за музика и балет од Марибор, Словенија. Претставниците од Србија поради оправдани причини беа спречени да допатуваат во Макарска. Настапот на Благој Тодоров на заедничкиот концерт е оценет како исклучително добар. Тој ја претстави Македонија со две композиции од македонски композитори и од страна на публиката доби многу позитивни реакции.

Талентот на Благој и неговата голема љубов кон музиката прва го забележала неговата професорка по пијано, Ивана Јанаќиева, која со посебно внимание и одбрана деликатна програма напорно работеше со него, па успехот не изостана.
– Благој е многу интелигентно, музикално, културно и исполнително дете. Задачите ги завршува со неверојатна брзина. Успешен ученик е и во ОУ „Гоце Делчев“ и во нашето музичко училиште „Лазо Мицев-Рале“, каде што се запиша во 2021 година на инструментот пијано. Само по една година свирење достоинствено се претстави на 60-от Државен натпревар по класична музика за основно образование. Во неговата категорија по пијано во конкуренција на 26 натпреварувачи, тој го освои третото место. Истата година освои висока прва награда на меѓународниот натпревар „Арт ИН“, а минатиот месец на концертот под мотото „Заедно“ во Макарска се претстави со две композиции. Интересно е да се спомене дека во првата композиција „Овчеполска свита“ од македонскиот композитор Благој Цанев на прекрасен начин е доловен македонскиот фолклор, додека во втората композиција „Мелодична етида“ бр. 11 од П. Хаџиев владее седумосмински ритам, кој е препознатлив за нашата музика – вели неговата професорка по пијано Ивана Јанаќиева.
Благој заедно со својата професорка посветено се подготвува за натпреварите што следуваат во 2023 година и заеднички работи на новата програма по пијано. Во оваа пригода изразуваат голема благодарност до директорот на музичкото училиште, Жељко Влахо, за професионалната организација и топлото гостопримство и голема благодарност до директорот на музичкото училиште во Кавадарци, Златко Јованов, за целата организација.

Двете музички училишта имаат 15 години успешна соработка. Учениците и музичките педагози од музичкото училиште на градот Макарска редовно доаѓаат на Меѓународниот натпревар по камерна музика КМК во Кавадарци како учесници и како членови на жири-комисијата. Од ова гостување во Макарска произлезе и професионална соработка на музичкото училиште „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци со Конзерваториумот за музика и балет од Марибор, Словенија. Ова значи дека на наредното издание на Меѓународниот натпревар на камерна музика во Кавадарци во март наредната година ќе учествуваат и ученици од музичките училишта од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и од други земји.