Во СОЗШ „Ѓорче Петров“ во Кавадарци

Во средното општинско земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци, неодамна се одржа интересен настан на кој се славеше младото вино „божоле“. Исто така, од страна на стручни лица енолози беа оценувани белите и црвените вина, кои учениците од ова училиште ги произвеле во домашни услови. За лозарски град како што е Кавадарци, манифестацијата претставува убав пример како да се одржува традицијата во производството на вино и во неа да се вградува науката како неизоставен дел од современото производство на квалитетни вина. По тој повод училиштето беше посетено од многу гости, љубители на доброто вино, а учениците под менторство на наставникот Влатко Тасев подготвија прекрасен рецитал посветен на виното и пригодна музичка програма. Со овој ангажман тие на оригинален начин го промовираа новото младо вино произведено од годинашнава реколта „бисерна капка“, за кое се надеваат дека ќе израсне во вистински бренд на училишната винарница.
Комисијата во состав Елена Богева, претседателка, Кристина Анѓелкова, Игно Тасев, Зоранчо Николов и Деан Ѓорѓиоски, членови на здружението „Винари од Македонија“, во просториите на училиштето изврши сензорна дегустација на млади вина и ги одбра најдобрите примероци, произведени од ученици на СОЗШ „Ѓорче Петров“ во домашни услови. Во составот на комисијата беше вклучен и ученикот Славчо Цветков од трета година, во својство на практикант со наставни цели.

Во конкуренција беа вкупно 21 натпреварувач со 32 мостри на младо вино, од кои 14 бели и 18 црвени вина. Доделувањето на дипломите за најдобри вина беше на манифестацијата што се одржа на 24 ноември, односно третиот четврток во ноември кога се прославува виното „божоле“. Во категоријата на црвени вина првата награда, со освоени 93 поени, ја доби Никола Тодоров за виното од сортата „каберне франк“, втората награда ѝ припадна на Цветанка Стојанова, со освоени 85,4 поени за виното од сортата „молдавија“, и третата награда ја доби Надица Ѓорѓиева, со освоени 85,8 поени, за виното од сортата „каберне совињон“. Во категоријата бели вина, Магдалена Камчева со освоени 91,2 поен за виното од сортата „ризлинг“ ја освои првата награда, втор беше Славе Цветков со освоени 88,6 поени за виното од сортата „темјаника“ и третата награда повторно за вино од сортата „темјаника“, произведено од Слободанка Орешкова, кое беше од страна на комисијата оценето со 85,4 поени.

Ми.М.