Триесет ученици и студенти од Македонија и од Србија од 24 до 29 август учествуваа на Интернационалниот летен музички камп во Михајлово, Кавадарци, кој годинава се одржа по 13-ти пат, во прекрасниот планински амбиент на одморалиштето Михајлово, во близината на Кавадарци. Изминативе денови беа исполнети со богата концертна активност на камерни состави и индивидуална настава за инструментите: флејта, труба и хорна, со нашиот реномиран музички уметник и професор Страшо Темков (флејта), професор Васо Ристов (труба) и професор Александар Гошев (хорна).

Координаторка на кампот беше Марија Јакимовска, а корепетиторка Ивана Јанаќиева.
– Одморалиштето Михајлово ови пет дена беше исполнето со звуците на камерното музицирање, кое се презентираше на завршниот концерт. Работата во овој камп носи своја убавина со собирањето нови значајни искуства и спомени. Што се однесува на подготовката на нови композиции во краток период, тоа беше навистина голем предизвик за сите, па затоа пробите двапати дневно беа интензивни и доста продуктивни. Но затоа, пак, слободното време максимално го користевме за пешачење во природа и истражување на убавините на Кожув Планина, што дополнително нѐ инспирираше и нѐ мотивираше за работа. Како официјална пијано-соработничка на овој летен музички камп сум трета година. Соработката со професорите и учесниците е на високо професионално ниво и можам слободно да кажам дека програмата и начинот на работа се одлично организирани. Искрено се радувам што бев дел и од годинешното издание на кампот – изјави Ивана Јанаќиева.

Благодарение на заложбите на професорот Страшо Темков, летниот музички камп веќе трета година се одржува во одморалиштето Михајлово, додека финансиски неговото одржување е помогнато од Министерството за култура, фондацијата „Никола Јанчев“ од Кавадарци и од Општина Кавадарци, за што професорот Темков изразува голема благодарност. Ми.М.