Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од творештвото за деца на писателот Велко Неделковски

Борче од четврто три седи во иста клупа со Давор. Но, Давор се разболе од една есенска настинка, па сега второто столче во клупата е празно. Тоа е убаво и здраво столче, со зелено бојадисани ногалки. За жал, сите столчиња во училницата не изгледаат така. Има некои со поткршени потпирачи, други со извиткани ногалки, трети толку исчкртани со фломастер – да ти е страв да седнеш. Затоа ова (привремено празно) столче привлекува сечие внимание. Виолетка би сакала да го има покрај својата клупа, но како да го изведе тоа? Се одлучи да пријде до Борче и директно да го праша:
– Слободно ли е да седнам за миг?
– Повели…А сега стани, зашто помина тој еден миг! – ѝ рече Борче.
– Всушност, уште вчера забележав дека едново столче ти е празно… – итро рече девојчето.
– Едно од двете е празно, браво. Како само ги преброи?! – се потсмевна Борче. – Се обложувам дека ќе станеш светска математичарка!
– Не ми е до шега – призна Виолетка . – Седам на разнишано столче, знаеш. Можам да паднам, а тоа ќе биде смешно како циркуска точка!
– Тој проблем реши си го самата! – нељубезно отсече Борче.
– Има две можности, а можеби и три – продолжи Виолетка, упорно стоејќи на исто место.
– Да ги слушнам. Прво третата, па премолчи ја втората, па заборави ја првата!
– Да седам со тебе во клупата, ако ме примаш!
– Глатко се одбива.
– Или да ми го позајмиш празното столче додека да се врати Давор.
– Фатаморгана. Каде забележуваш празно столче?
– Их, што изведуваш?! Па, ова, до тебе…
– Кое ова? А, ова! Па, ова не е тоа. Ништо од тоа. Чао, Виолетка!
– Молба од мене до тебе? Нема да чуеш таков текст! Гуд бај!
– Освен тоа би можела да те кажам на учителот Борјан!
– Само повели. Една тужибаба повеќе.
Ѕвонеше за почеток на часот и девојчето се повлече. Есенскиот ден се смурти. Дождовните капки како иглички се пластеа врз прозорците на училницата. Ова им беше петти, последен час за денеска. Борче одвреме-навреме погледнуваше кон небото, со надеж дека брзо ќе преврне. Се сврте назад и со шепот му се обрати на другарчето Ване:
– Ване, сѐ уште си метеоролог-аматер?
– Моето омилено хоби! – рече Ване. – Сонцето зајде, облаците… хммм… се ниски и мошне густи. Нема да има плисок, но тивко и постојано ќе си врне. Тешко на тој што живее подалеку…
– Јас! – рече Борче. – Дури во зградите кај Драмскиот театар.
– Е па, ќе глумиш во претставата „Наврнатиот пешак“!
– Борче и Ване погласни сте од мене и од моето предавање – со родителски глас ги потсети учителот Борјан.
„Па што“, помисли Борче. „Не морам веднаш да си одам дома. Ќе стојам под некоја стреа. Половина час, божем чекам некој другар. Кратко ќе врне, Ване секогаш дава погрешни процени!“
Но, не беше така. Наставата заврши и сите си појдоа дома. Некои деца имаа јакни со качулки, други си понеле мало чадорче на расклопување. Бррр и застуде. Борче стоеше под стреата кај влезната врата. Помина Раде, држејќи отворен чадор.
– Имаш местенце и за мене? – замоли Борче.
– Веќе му ветив на Игор, ене го трча кон мене – се извини Раде.
Тогаш еден автомобил се паркираше покрај плочникот и кратко затруби со сирената. Борче забележа како од училишната зграда излегува Виолетка и мавта со раката во правец на автомобилот. „Соседот, чичко Ефтим, но дали ќе сака и мене да ме превезе до дома?!“, помисли Борче и веднаш се сепна. „Тоа зависи од неговата Виолетка, со која денес се скаравме! Ете ѝ можност за реванш!“
Виолетка помина покрај него и со трчање се упати кон автомобилот. Борче, решен да ризикува, потрча кон неа. Задната десна врата сѐ уште беше отворена, а Борче им рече на чичко Ефтим и на Виолетка:
– Еве ви уште еден патник! Инаку ќе се наводенам како на плажа!
– Нема проблем, повели – рече чичко Ефтим.
– Момент, тато – се вмеша Виолетка. – Зафатено е, Борче! Гледаш дека немаме слободно место!
– Како, кога сте само двајца во кабината…? – подзина Борче, додека дождовни капки веќе непријатно му се лизгаа по вратот.
– Знаеш математика, но слаб си по предметот „другарство“ – пецкаше Виолетка. – Влегувај, седни и не вели ништо. Ама ништо!
– Благодарам – се вмолкна Борче.
– Четврто три во што е вицот? – се насмевна возачот Ефтим. – Виолетка?
-Тој знае, а јас паметам! – со напрчено носе одговори девојчето. – Вози, тато! И остави го токму пред нивниот влез, иако не заслужува!
– Борче, ќе ми кажеш ли ти што се случило?
– Мала кавга на последниот одмор – засрамено промрморе Борче.
Утредента, во училницата во четврто три, Борче сам лично ѝ го однесе слободното столче на Виолетка: – Повели, принцезо! Ова не е столчето на Давор со настинка, туку на Борче, кој се извинува. Дај ми го разнишаното, ќе го поправам на часот по ОТО. Навистина знам, вујко ми е хаусмајстор и ме научи. Веќе сум малечок мајстор, ќе видиш!
– Верувам – се насмевна Виолетка. – Ги поправаш и своите грешки!
„Метеорологот“ Ване објави: – Сонце во училницата, баш се радувам!

(Од книгата „Кога цутат имињата“)


Срцепис

Боре не е патник светски
Но си води дневник детски.

Го украси секој лист
Со ракопис – срцепис:

– Тврдината на Охо-Рид
Долу, како бисер – Охрид.

– Три ноќи како јагне преспав
Покрај езеро во Преспа.

– Каснав лебец дома месен
Нагости во градот Ресен.

Марко Крале, шарец крилен
Во кулите баш над Прилеп.

Покрај Вардар зелен-зелен
Ту-ту! Возот сопре – Велес!

– Запишав за Галичник:
„Убавец со извичник!“

Други места, друга згода
Таму допрва ќе одам!

(Од книгата „Децата се прва лига“)