Време е да се подготвите за новата учебна година!

Драги деца, одбројувањето започна. Останаа само уште неколку дена до почетокот на новата учебна година. Време е да почнете да се подготвувате за на училиште. Купување ранец, тетратки и училиштен прибор, порано одење во кревет, воспоставување на вообичаените обврски, како кога одите на училиште… Тоа се само некои од активностите што треба да почнете да ги применувате деновиве.
Издвојуваме неколку совети за што подобро да се подготвите за почетокот на новата учебна година.

Повторно воспоставете ги училишните навики

Во последните денови од распустот влезете во училишниот ритам. Легнете си порано, наутро станете исто како да сте на училиште. И оброците приспособете ги. Важно е да излезете од дома рано наутро, па испланирајте утрински активности. Направете план и придржувајте се до него. На пример, не гледајте телевизија по 20 часот или читајте книга дваесетина минути пред да си легнете.

Одредете време и место за завршување на домашните задачи

Треба да одвоите еден период од денот кога ќе почнете да учите нешто ново за да се подготвите за домашните задачи, кои ќе бидат дел од секојдневната рутина кога ќе започне учебната година. Местото каде што ќе го правите тоа исто така е многу важно. Родителите треба да бидат околу децата и да се обидат да учествуваат во тие активности.

Направете целодневен план

Исто така многу се важни и активностите што се извршуваат по враќањето дома, како одење на курсеви за странски јазици, спортски активности и слично. Тоа може да биде и попладневна прошетка, дружење со пријателите, одење во парк, во кино, на концерт…